Интерпол побара информации од Кина за Менг Хонгвеј


Интерпол и официјално побара од Кина информации за претседателот на организацијата Менг Хонгвеј, кој исчезна откако дошол во посета на неговта татковина Кина. Во соопштението на Интерпол се наведува дека се искористени канали со цел барањето за стаусот на Хонгвеј да се испрати до Кина. Организацијата се надева дека ќе добие официјален одговор од Пекинг.

За сега нема коментар од Кина, со оглед на тоа што во земјата во тек е еднонеделен празник. Претседателот на Меѓународната полициска организација (Интерпол), Кинезот Менг Хонгвеј, за кого вчера беше објавено дека „исчезнал“ откако минатата недела од Франција заминал за Кина, бил приведен од страна на кинеските власти по пристигнувањето во земјата, објави хонгконшкиот весник „Саут Чајна Морнинг Пост“.

Весникот, повикувајќи се на анонимни извори, тврди дека кинеските власти повеле истрага против 64-годишниот Менг и дека тој бил приведен на распит веднаш по пристигнување во Кина на 29 септември. „Саут Чајна Морнинг Пост“ посочува дека не е познато каде во моментов се наоѓа Менг и за што го товарат кинеските власти.

Менг, кој беше избран за претседател на Интерпол во ноември 2016 година, пред изборот на оваа функција беше потпретседател на кинеската Комисија за контрола на наркотиците и директор на Националната служба за борба против тероризмот. Меѓутоа, во април годинава Менг беше разрешен од должноста член на Централниот комитет на Комунистичката партија на Кина.По неговиот избор за прв човек на Интерпол, повеќе меѓународни организации за заштита на човековите права реагираа дека Кина би можела да го искористи Менг за прогон на кинески дисиденти во странство. На ваквите стравувања, Интерпол одговори дека Уставот на организацијата им забранува не нејзините скужбеници да се мешаат во политиката.