Интервју, Ѓорѓи Иловски – пејач на „Смат“: Фашизмот сè уште постои под други имиња и форми


Песната за Мартин Нешковски, Тамара и за децата од Смилковското Езеро, која се вика „Во мојот град“, е со цел да не заборавиме! Едните сакаат да прикријат убиство, другите прават кампања од тоа, за на крај тоа да биде црна дупка во нашето минато. Е, не може така другари! Болката и празнината што ја чувствуваме ние како сограѓани и како родители е преголема. Што да кажат нивните родители? Сè уште ви е важна цената на бензинот, Амди Бајрам или која било дневна вест што ќе ја прочитате? – вели Ѓорѓи Иловски, вокалистот на метал-кор бендот „Смат“ (Smut), кој годинава прославува 22 години постоење на сцената, а неодамна го издаде и петтиот студиски албум „Тие се насекаде“.

Во интервјуто за „Независен весник“ со него разговараме на повеќе теми, за неповолните услови за музичарите, за вртењето во круг поради лоши политички одлуки, како и постојана борба на „Смат“ и преку нивното творење да ги лоцираат аномалиите на нашето општество.

По 22 години на сцената, „Смат“ го издаде петтиот студиски албум „Тие се на секаде“. Субјективно, по што се издвојува овој материјал од претходните албуми?

Во глобала, кога би ги пуштиле албумите по редослед, ќе воочите дека бендот никогаш не направил ист албум. Овој албум едноставно е различен од секој аспект. Доколку сакавме да направиме ист албум како „Мемоарите на скршениот човек“, од старт ја губиме таа битка, затоа што тој албум има особена емотивна тежина и без никаква тенденција беше многу добро прифатен од публиката. Во еден момент дури се мислевме дали воопшто да започнеме со работа на друг албум познавајќи ја тежината што ја носиме и притисокот што го имаме пред нас. Токму затоа решивме да направиме музички различен, малку побрутален, концептуално различен и навистина емотивно тежок албум кој ќе коегзистира паралелно со неговиот претходник и нема да биде споредуван.

 Комплетниот состав на „Смат“ Антовски Благоја, Најдовски Дарко, Иловски Ѓорѓи, Неврус Бајрам, Горан Ристевски

Генерално, албумите ги издавате на неколку години. Иако нема правила на колку време треба да се издава нов материјал, кои се точно причините, одлежување/созревање на материјалот или финансиски причини?

Ние го немаме тој притисок на краен рок од издавачката куќа. Најчесто правило сега е на секоја втора година по еден албум да издаваат бендовите, но тоа се коси со ставот на бендот. Сакаме квалитет, а не квантитет. Материјалот се прави, и нормално дека треба да одлежи и прво да го помине тестот кај нас. За албум кој содржи 10 песни ние правиме 15, ја работиме пред продукцијата и потоа материјалот доживува константни промени. Ова го правиме од срце и навистина сакаме крајниот ефект да биде токму таков. Публиката знае кога нешто се работи аматерски. Колку и да не е музички поткована, чувствува кога нешто не е во ред. Особено во нашиот музички стил мислам дека најголемо предавство е ако ги разочараш, мислам дека никогаш нема да ти простат. Ако целиот пристап ти е аматерски, тогаш ќе добиеш и таков фидбек.

Ја раситнивте третата деценија од основањето во 1996 година, кој е главниот мотив да се опстојува на сцена толку долго, особено во земја која нема поволни услови за бендови од овој тип?

За мене лично мотив секогаш било некое чувство длабоко во мене, кое се бори да излезе и да биде напишано на лист хартија или снимен риф, кој ме прогонува со месеци. Мотивот на самиот бенд секогаш било да се направи нешто подобро и подобро. Кога гледаме наназад, се распаднале огромни бизниси кои носеле многу пари. Во оваа земја нема услови за живот, па да не зборуваме за бендови од овој тип. Силата што нè одржала заедно е поголема од парите. Тоа, и да сакаш, со пари не можеш да го купиш. Многу луѓе нема да се согласат со мене и ќе речат: „Што не се купува со пари, се купува со многу пари“, но не е така. Уште еднаш ќе кажам, поддршката што ја добива бендот ни дава сила кога станува збор за интегритетот на бендот да немаме толеранција кон никакво надворешно влијание. Јас лично ѝ покажав среден прст на организаторката на еден голем фестивал во градов само затоа што мислеше дека со пари се купува сѐ, па и нашиот образ. Таа сила ја добиваме од луѓето што сите овие години нѐ следат и нѐ поддржуваат. Ако ги разочараме, нив сме се разочарале самите себе! „Смат“ не е само наша приказна, тоа е приказна на сите луѓе со кои го делиме воздухот во оваа земја и навистина бендот го сфаќаат лично и како свој.

На последниот албум особен впечаток остава омотот, кој е артворк на вашиот долгогодишен соработник Васил Васев од Бугарија. Чија беше идејата за симулацијата на „Тајната вечера“ со актуелни и не толку актуелни домашни и странски политичари?

Да, Васе е наш долгогодишен соработник, а уште подолго сме пријатели… 20 години се знаеме. Соработката помеѓу мене и него е многу чудна. Да нѐ гледа некој од страна додека работиме на кој било проект заедно, ќе умре од смеење, се караме како маж и жена, со пцуење со убивање, колнење итн, но на крај секогаш работата е завршена на највисоко ниво. Тој, исто како нас, работат ја сфаќа многу сериозно и не се нафаќа на проект само колку да го работи. Кога влегува, влегува машки, со цело срце. Идејата за на „Тајната Вечера“ беше на бендот, но целата реализација и поставеноста на актерите беше на Васе. Омотот е цртан и склопуван повеќе од една година. Албумот беше готов за издавање во декември, но малку задоцнивме со дизајнот и конечно излезе во Мај. Не се согласувам дека има не толку актуелни, тоа се луѓе што на некој начин ја кројат нашата судбина и си играат со нашите животи. Јас, искрено, мислам дека уште два албума да направиме нема доволно апостоли за да ги сместиме сите „Јуди“. Недостигаат многу важни ликови, но тоа е.

За истоимената песна „Тие се насекаде“ велите дека сте инспирирани од песната „Град“ на „Санаториум“. Оние што се насекаде се ликовите од омотот?

„Тие се насекаде“ прво беше само песна. Текстот е следен „Тие се насекаде, околу нас. Се ранат од нашата болка, се ранат од нашиот страв!“ Мислам дека тоа ја доловува целата поента на самиот омот. Самата фраза „Тие се насекаде“ е инспирирана од „Санаториум“, но има друго значење во нивниот текст.

Мерлин, заштитниот лик на бендот и познатите политички актери во амбиент на „Тајната вечера“

Последниот албум го промовиравте на 9 мај, Ден на победата над фашизмот. Зошто го одбравте токму тој датум?

Затоа што датумот е многу симболичен. Фашизмот не престана да постои. Тој сѐ уште постои, но под други имиња и форми. Играчите се менуваат, но целта е иста.

Долго постоите на сцена и исто толку време ги лоцирате аномалиите во општеството. Се вртиме во круг или ќе промениме нешто?

Ние само гласно зборуваме тоа што сите други го мислат! Целта на тоа што ги потенцираме аномалиите е да се промениме прво самите себе. Ова го кажав на неколку интервјуа и ќе го повторам и тука. Не сме доволно самокритични, затруени со дневни случувања и кратка меморија од неколку лајка и коментари на социјалните мрежи. „Карванот си врви, кучињата си лаат“ не сакам да биде дел од нашиот живот и одбивам да го прифатам тоа како вистина. Мора да се промениме самите себе. Токму затоа и ги има темите во албумот. Песната за Мартин Нешковски, Тамара и за децата од Смилковско Езеро, која се вика „Во мојот град“, е со цел да не заборавиме! Едните сакаат да прикријат убиство, другите прават кампања од тоа, за на крај тоа да биде црна дупка во нашето минато. Е, не може така другари! Болката и празнината што ја чувствуваме ние како сограѓани и како родители е преголема. Што да кажат нивните родители? Сѐ уште ви е важна цената на бензинот, Амди Бајрам или која било дневна вест што ќе ја прочитате? Зборуваме за човечки животи кои тие сакаат да ги заборавите! Ја заборавате состојбата на Клинички центар? Или тоа не е важно додека ти не се најдеш таму? За на крај да излезе политичар на емисија и да ни каже: „Бидете среќни што е вака, можеше да биде и полошо!“ Така не! Јас лично не можам повеќе да го вртам другиот образ… за вас не знам!

Веќе споменав дека не се поволни условите во Македонија, па и во регионот за ваков тип бендови. Сепак, успевате да го задржите и нивото, квалитетот и континуитетот. На последниов албум соработувавте и со номинираниот за награда „Греми“, Ермин Хамидовиќ, како се случи таа соработка?

Сакавме да работиме со човек со кого работат бендовите што ги слушаме. Направивме бизнис-план како да го постигнеме тоа, но математиката на крајот не излегуваше во наша полза, сепак, таа номинација за „Греми“ си ја повлекува и цената. Никогаш не ни паднало на памет да правиме кампањи за донирање, иако тоа го прават светски бендови. На крајот тоа го постигнавме од распродадениот концерт по повод „20 години Смат“ во МКЦ. Сепак, растот, задржувањето на квалитетот ни го овозможија луѓето што купуваат билети за нашите концерти, ги купуваат нашите маици и ги пеат песните заедно со нас. Сега имаме уште 10 песни да си ги пееме сите заедно. „Смат“ не е само бенд на луѓето кои свират во него. Песната „ Ова е за вас“ го објаснува целиот менталитет на бендот и односот на бенд-публика.

Во јавноста сте познат како Џоле Смат, но имате и сосема друга професија која нема допирна точка со музиката. Како ги координирате двете?

Кога навистина се сака, сѐ се може. Во прашање се само приоритети. Јас како човек сум таков. Секогаш си го поставувам прашањето „Дали направив сѐ и го дадов максимумот за дадената ситуација?“ Одговорот е секогаш „Не, можеше повеќе да се направи!“ Тежок човек сум за соработка затоа што очекувам од сите луѓе максимум, дали е за Смат или на моето работно место, но не сме сите луѓе исти… И да, пред Џоле Смат сум Џоле, таткото на Илина.

За крај, задоволни ли сте од она што го имате постигнато на музички план низ годините гледајќи од оваа перспектива?

Би променил многу постапки од минатото, но тоа е што е. Сите постапки, дали лоши или добри, нѐ довеле до овој момент, до оваа точка. Нема зошто да не бидеме задоволни од музички аспект. Се занимаваме со супкултура во земја каде што не постои култура. Успешни концерти на агресивна и брутална музика во земја каде што нема поп-музика (чест на исклучоци, кои се бројат на рака). Во земја каде што поп-изведувачите не можат да наполнат клуб од 50 луѓе со нивните песни (чест на исклучоци), ние сме правеле концерти во концертни хали. Уште колку ќе може да издржиме, навистина не знам. После толку години, секој концерт може да ни е последен, не се знае. Нашето најголемо постигнување, кога сѐ ќе се смири, се човечките конекции, пријателствата што сме ги оствариле низ годините. Со помош на оваа музика и овој бенд сме запознале луѓе што сигурно не би ги запознале на социјалните мрежи и седејќи дома. Тоа е нешто што нема мера за успех и цена!

Ивана Настеска

Фото: Борис Грданоски