Интервју со светската поп-атракција „Џипси кингс“: Во Скопје ќе направиме незаборавна авантура


„Џипси кингс“ се од оние бендови кои секогаш се актуелни, дури и да немаат нов музички материјал, слушањето на нивните песни е природно растење на хормонот на среќа. Повеќе од 25 години на сцената, многу концерти и патувања заокружени со продажба од над 25 милиони албуми. Кралевите на џипси-музиката доаѓаат во Скопје в петок (22 декември) во рамките на второто издание на „All you need is love“, во организација на „Авалон продукција“.

Со заводливо мешање на традиционалниот фламенко-стил со поп и латино-ритам, членовите на „Џипси кингс“ станаа планетарен феномен и кралеви на музичката сцена. Еден од родоначалниците на денешниот стил на оваа група, Манитас де Плата, чие вистинско име е Рикардо Балиардо, припаѓа меѓу најголемите гитаристи на сите времиња. По шест номинации за наградата „Греми“ во 2014 година, членовите на „Џипси кингс“ го добија ова престижно признание за албумот „Savor flamenco“. Концертот ќе се одржи во Вип-арената „Борис Трајковски“, а македонската публика ќе има можност да ги слушне големите хитови како „Volare“, „Bamboleo“, „Baila me“.

Во Скопје ќе гостуваат со актуелната формација на бендот, предводена од Пако и Микаел Балиардо. Токму со нив двајца направивме и разговор по електронски пат во пресрет на нивниот концерт.

Повеќе од 25 години на сцената, кој е рецептот за толку години да се опстане и каков е животот со постојани патувања и запознавање нови култури?

– Немаме тајна или рецепт. Благодарни сме ѝ на нашата публика, неа ѝ должиме сѐ. Преку нашата музика имаме прекрасни средби, секоја е сѐ поубава од претходната. Од секоја публика сме пречекувани добро и со сите имаме пријателски однос, секогаш е неверојатно

Бендот се состои од браќа од две семејства, какви се односите, како се сложувате, на какви предизвици бевте изложени низ годините?

– Групата е создадена од браќата Баилардо и браќата Рејес. Првите се гитаристи, вторите пејачи. Нашата моќ е во тоа што функционираме како семејство. Кога одиме на турнеја по неколку седмици, многу ни е важно што сме блиски во групата, бидејќи животот не е секогаш лесен и поминуваме многу тешки периоди заедно.

Ако вашата музика би требало да ја опишете со боја, која боја би било таа и зошто?

– Во периодот кога нѐ откри господин Мартинез ние само го правевме тоа што знаевме да го правиме. Да ја опишеме нашата музика би било како да се опишуваме самите себеси. Ние преку нашите инструменти го опишуваме нашиот секојдневен живот, а тоа е бојата наречена џипси.

По пауза од шест години, се појави и вашиот 9. албум „Savor Flamenco“. На овој албум бендот првпат се потпишува како продуцент на целиот материјал. Раскажете ни нешто повеќе околу ова. 

– Албумот „Savor Flamenco“ беше идеја на генијот во групата, Тонино Балиардо. Тој го напиша, компонираше и го аранжираше целиот албум. Со тоа уште еднаш го докажа својот талент, но и преку тој албум раскажа сѐ што има преживеано и сѐ што му е близу до срцето. Затоа шест години не се премногу за еден албум кога еден уметник размислува кој е најдобриот начин за да се направи.

За тој албум добивте и „Греми“. Награда која верувам секој музичар ја посакува. Се зголемува ли и одговорноста после ваквите наградувања? 

– Добивањето награда „Греми“ е неописливо признание за нас! Имавме неколку номинации, но победата беше неверојатно чувство и секако одговорност.

Што ѝ препорачувате на македонската публика, што може да очекува од концертот во Скопје? 

– Македонска публико, дојдете и доживејте ја оваа шарена, весела и незаборавна авантура со нас! Најважно е да се опуштите и да се забавувате со нас!

Ивана Настеска