Интервју со Димитриoс Пападимоулис: Му предложив на Мицкоски да постигне подобар договор


Димитриoс Пападимоулис е потпретседател на Европскиот парламент од редовите на СИРИЗА. Како член на Мешовитиот комитет на Македонија и ЕУ деновиве тој престојува во Македонија. Уверен е дека договорот од Преспа ќе помине во Грција и дека е типичен пример за силно и храбро лидерство на Зоран Заев и Алексис Ципрас.

Ја следите ли состојбата околу референдумот во Македонија и, според ваша проценка, каде ќе помине потешко договорот за името, во Македонија или во Грција?

– Договорот предвидува две фази кај вас – едната е референдумот, а потоа усвојувањето на амандманите на Уставот. Според моите информации, ќе има големо мнозинство кое ќе гласа „за“. Треба да се види само одѕивот. Мислам дека силно мнозинство и висок одѕив ќе ги помогнат напорите да се постигнат потребните две третини за уставните амандмани. Потоа, следува ратификација во грчкиот парламент и мислам дека таа ќе помине со јасно мнозинство.

Тешкотии има и во двете земји бидејќи со овој договор се решава долготраен спор од речиси три децении. Но преспанскиот договор е типичен пример за силно и храбро лидерство од двете страни и од двајцата лидери, Ципрас и Заев, кои докажаа дека имаат храброст да најдат добар компромис. Ова е „вин-вин“ пристап. И, сигурен сум дека по неколку месеци мнозинството што го поддржува договорот ќе биде поголемо во двете земји.

И натаму ни се обраќате со „вашата земја“. Кога ќе почнете да нè викате Северна Македонија и како ќе се однесуваат обичните граѓани кон новото име?

– Мислам дека по ратификацијата на договорот Грците ќе го користат терминот Северна Македонија за вашата земај и тоа ќе биде добро решение бидејќи со договорот од Преспа грчката страна го оствари своето клучно барање – ерга омнес, што го прави добар компромис за двете страни. При компромис никој не може да успее стопроцентно во барањата. Важно е дека успеавме да создадеме мост меѓу двете земји решавајќи еден долгогодишен спор и зачувувајќи некои барања што се најважни за секоја страна, наедно комбинирајќи ги. Важно за сите нас е да не го изгубиме овој прозорец на можности бидејќи ратификацијата на договорот ќе ја зголеми стабилноста на регионот и тоа ќе биде добро за економијата на двете земји. Мое чувство е дека, иако има силен отпор во дел од населението во двете земји, како што поминува времето, бројот на Грците што го поддржуваат договорот ќе расте.

Имавте состанок со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Кој е вашиот впечаток?

– Мислам дека лидерството на ВМРО е во тешка ситуација бидејќи нема јасен став во однос на референдумот. Нивната позиција е дека немаат јасна позиција. Мислам дека за единството на ВМРО ратификацијата на договорот ќе биде можност да се поддржат неопходните чекори во име на почитувањето на волјата на народот. Мојот личен совет до господинот Мицкоски, кој е млад и нов лидер, е да создаде нова партија под негово лидерство, а не да ги следи чекорите на претходното ако сака да биде проевропска централно-десничарска партија. Ќе биде корисно за него да биде креативен и поддржувачки во однос на европската ориентација и интеграција на земјата. Главните опозициски партии во двете земји користат целосно конфронтирачки аргументи во однос на договорот. ВМРО вели дека Заев му дал сè на Ципрас, а Нова демократија вели дека Ципрас му дал сè на Заев. Тоа не е вистина. Вистината е дека имаше позитивен компромис меѓу двајцата лидери. Сакам да ги потсетам, исто така, не само Мицкоски туку и Мицотакис, дека нивното политичко семејство, ЕПП, силно го поддржува договорот од Преспа. Кога премиерот Заев беше во ЕП, сите политички го поддржаа освен мало малцинство на националисти и екстремни десничари, и му дадоа топол аплауз.

Имате ли временска рамка до кога ќе го имплементирате договорот во Грција? Ќе биде ли можно тоа да се направи до мај, пред изборите во Грција?

– Да. Мислам дека најдоцно во март ќе го ратификуваме договорот со предуслов неопходните чекори од ваша страна да бидат веќе подготвени и направени. Во секој случај, мислам дека е наша должност да не создаваме дополнителни одложувања за ратификацијата. Политичката волја на премиерот, на владата и на спикерот на грчкиот парламент е да се ратификува договорот најдоцна во март.

Имате ли сè уште руско мешање во Грција околу ова прашање?

– Се согласувам со премиерот Заев дека нема доказ за тоа. Грчката влада направи неопходни чекори околу тоа, мораше, но од друга страна се надева дека е важно за двете земји да имаат добри односи почитувајќи се една со друга.

Неодамна беше формирана комисијата за историја. Кој ќе биде одговорен за неа од грчка страна и за што ќе расправа?

– Според договорот, двете министерства за надворешни работи ќе ги преземат сите неопходни чекори тој да се имплементира. Немам сомневање дека по ратификацијата ќе имаме позитивен терен за имплементирање на договорот во духот на добра волја на двете страни.

Наскоро ќе има избори за Европскиот парламент. Што ќе стане со ветувањата на Македонија за членство во ЕУ ако евроскептичните партии станат доминантни во него?

– Има растечки аларм за опасноста од подемот на антиевропската, популистичка и екстремна десница. Не само за евроинтеграцијата на вашата земја, туку и за иднината на ЕУ е важно да се креира најширока можна демократска и проевропска алијанса, за да го поттикне европскиот процес на обединување. Мислам дека ќе успееме да создадеме широка алијанса која ќе може да добие мнозинство во ЕП спротивставувајќи се на опасностите од подем на екстремната десница. Ова е апсолутно ургентно и неопходно бидејќи ЕУ мора да одговори на барањата на нејзините граѓани за поголем раст, за социјална кохезија, за повеќе транспарентност, за повеќе демократска отчетност, а единствен начин да се направи тоа е да се формира големо мнозинство со големите демократски алијанси.

Големо мнозинство во ЕП и во европските институции ја поддржува евроинтеграцијата на вашата земја. По ратификацијата на договорот треба да поработите напорно на имплементација на неопходните реформи во земјата. Имав состанок со министерката Радмила Шекеринска и мило ми беше дека веќе има подготовки за имплементацијата на втората фаза од договорот бидејќи треба да работиме на него заеднички и во кооперативен дух. Во секој случај би сакал да ве осигурам дека мојата партија и поголемо мнозинство од грчките европарламентарци ќе ја поддржат вашата европска ориентација. По ратификацијата на договорот од Преспа на грчка страна ќе имате пријател и поддржувач на вашиот европски процес.

Кога ќе го видиме Ципрас во Скопје?

– Не можам да ви дадам датум. Но вчера имав состанок со спикерот на вашето Собрание, Талат Џафери, и му реков дека по ратификацијата на договорот на двете страни ќе биде корисно да има размена на посети меѓу спикерите на парламентите. Посетата на грчкиот премиер преферирам да биде објавена од неговиот кабинет.

Слободанка Јовановска

 

СОЛУН ИЛИ ТЕСАЛОНИКИ ?

Дали според договорот Солун мора да го викаме Тесалоники?

– За нас е Тесалоники, кај вас вие решавате. Не сакам да давам лекции на други луѓе како да изговараат, но за сите Грци Тесалоники е Тесалоники. Подобра поента е што тој договор им дава на Солун, на Северна Грција, на Грчка Македонија, а тоа е дека ја зголемува стабилноста, дава многу можности за трговија, за културна размена и за раст на туризмот. Мислам дека овој град ќе биде еден од најбрзите застапници на имплементацијата на договорот. Ова е навистина „вин-вин“ договор.

 

НЕ СМЕЕМЕ ДА ЈА ПОВТОРИМЕ ГРЕШКАТА ОД ПРЕД 25 ГОДИНИ 

ВМРО-ДПМНЕ вели дека може да постигне подобар договор од овој сега…

– Не мислам дека тоа е можно и затоа му предложив на Мицкоски во неофицијален разговор по крајот на состанокот ако мисли дека може да успее во тоа, нека се обиде со братската партија Нова демократија. Ако ВМРО и Нова демократија можат да најдат подобар договор за земјата, подготвен сум да го видам. Зошто да не го испитаат тоа? Но тоа не е така. Мое чувство е дека ако вашата земја ја изгуби можноста да го ратификува договорот, овој прозорец на можности ќе биде затворен за уште еден период од 25 години. Бидејќи имавме една можност за ваков позитивен договор за време на периодот на Киро Глигоров и Константин Мицотакис, но ја загубивме поради реакциите во двете земји. И, сега мораме да бидеме многу сериозни да не ја повториме истата грешка.