Интервју со Бочварски: Барам решенија заедно со граѓаните


Изминува деветтиот месец од моментот кога 32-годишниот дипломиран архитект Благој Бочварски го презеде управувањето со Штип, регионален центар на Источна Македонија. Со Бочварски разговараме на тема што ветивме – што направивме.
Можете ли денес да кажете дека сте го реализирале тоа што, за овој период, сте им го ветиле на штипјани? Вие редовно информирате за ваши остварувања, а опозицијата уште поредовно тврди дека ништо не е направено…
-Да се биде градоначалник на град од форматот и значењето кое во македонската политика го има Штип е голема одговорност. Ова не е само излитена флоскула, зашто нашиот град е познат по плејадата значајни историски личности кои оставиле капитални резултати во создавањето и развојот на државата. Да се биде градоначалник на град кој ги дал првиот претседател и првиот премиер на Македонија, Киро Глигоров и Никола Кљусев, на држава чијашто прва влада се титулираше како „штипска“ поради многуте министри во неа, на регионален центар кој го даде првиот претседател на Уставниот суд, на МАНУ, првиот поглавар на МПЦ во самостојната ни држава – е навистина елемент на голема одговорност. Затоа во мојата работа се водам од овие премиси.
Како татко на градот, на штипјани им ветив дека за нив секогаш ќе бидам достапен, а Општина Штип ќе биде отворена за сите. Во тој контекст, можам да кажам дека наметнав нов начин на работа преку директна комуникација со граѓаните. Мојот кабинет е граѓанска канцеларија во која имам разговарано со повеќе од 2000 граѓани на поединечни средби, но од друга страна, остварувам средби со граѓани преку посети на урбаните заедници во градот и селата, при што преку директна комуникација дискутираме за проблемите и пристапуваме кон нивно решавање. Овој начин на комуникација за мене како градоначалник е многу важен бидејќи Штип е град со 50.000 жители, па и ние, како и секој друг град, си имаме свои проблеми, но во директна комуникација со граѓаните ги бараме најдобрите решенија.
Општина Штип наликува на вистинско градилиште. Како никогаш досега инвестираме во инфраструктурата со голем интензитет, почнуваме градежна офанзива со инвестиција од над 161 милион денари или околу 2,6 милиони евра, од кои над 142 милиони денари се средства од буџетот на Општината. Во моментов градиме водовод кон населбата Балканска преку кој вода за пиење ќе добијат околу 600 жители. Во фаза на изградба или финална фаза на подготовки за работа се 32 улици во градот. Во најголем дел се работи за нови улици, а дел се улици што ги рехабилитираме. Во финална фаза сме пред поставување на новиот мост на реката Брегалница и отпочнување на втората фаза од обиколницата. Градиме канализации, тротоари, десет активни зони за спортување на граѓаните, го решаваме запустеното улично осветлување. Цената на водата ја намаливме за пет проценти, а од први јануари ќе ја намалиме за дополнителни уште пет проценти. Обезбедивме бесплатен престој во градинка за деца на самохрани родители, даваме поддршка на успешните спортисти од Штип. Во финална фаза сме со изградбата на стационар за бездомни кучиња, градиме нов мал плоштад со фонтана во центарот на градот и многу други проекти.
Oчите на штипската јавност се свртени кон капиталните објекти врз основа на чие ветување ја добивте довербата на граѓаните. Тука се гасификацијата, браната на Отиња како 40-годишен штипски сон, градинката за 200 деца…
-Тоа е точно. Јас бев противник на политиките кои во изминатите десетина години ги заобиколуваа капиталните проекти во Штип и затоа се зафатив со отворање фронт за подготовка на овие проекти во изминатите девет месеци. Она што наскоро ќе биде видливо е почетокот на изградба на градинката за деца во населбата Сењак за која обезбедивме средства за реализација во висина од 37 милиони денари. Во Штип нова градинка не е изградена во последните 30 години, па затоа овој проект е во моите врвни приоритети, а новата градба ќе израдува двесте наши семејства кои на квалитетен начин ќе си ги згрижат децата.
Во делот на гасификацијата на Штип веќе избравме проектантска компанија која работи на идеен и основен проект за дваесет километри гасификациска мрежа во градот. Очекувам дека на почетокот на 2019 година ќе имаме готови проекти и ќе започнеме со изградба на ваков тип алтернативна инфраструктура за нашите граѓани. Можам со сигурност да кажам дека за мене и за оваа локална власт предводена од СДСМ во Штип, овој проект за изградба на браната на река Отиња е жив. Се работи за голем проект за формирање на вештачко езеро во близина на градот, зашто само Штип е град без своја „голема вода“. Од оваа брана ќе имаме многу придобивки, но за да добиеме градежно одобрение, потребни ни се ревизија и доработка на проектите кои се стари повеќе од дванаесет години. Останувам оптимист и трошам многу енергија за оваа брана да стане реалност, а во наредните месеци по завршувањето на проектите ќе преминеме на следниот чекор, обезбедување финансиска конструкција, а потоа почеток на изградба.
Факт е дека центарот на градот, кој е регионална метропола, се задушува во сообраќаен хаос. Особено е проблем кога ќе започне школската година и градот ќе оживее со ученици и 10.000 студенти. Ветивте негово решавање…
Решавањето на сообраќајниот хаос бара темелен пристап и вистински решенија преку кои ќе го подобриме постојното решение кое со сигурност веќе не ги задоволува потребите на новото време. Зборувам за изработка на проект за зголемување на протокот на возила во самиот центар на градот, а тоа се двете главни улици околу реката Отиња. Преку реализација на овој проект ќе обезбедиме две проточни еднонасочни ленти (наместо сегашното решение кое предвидува по една проточна лента), а со тоа стопроцентно ќе го зголемиме протокот на возила. Паркинзите ќе бидат поместени на тротоарот, а пешачката површина ќе се формира на конзоли кои ќе ги изградиме над коритото на река Отиња. Но, ние паркирањето започнавме да го решаваме, во финална фаза е изградбата на платформа на река Отиња, со што добиваме до педесет нови паркинг места за возила.
Дали како градоначалник не ве загрижува фактот дека во моментов во Штип се отворени огласи за околу 1.500 до 2.000 работни места, но работна сила нема? Што Вам Ви говори тој податок?
-Она што е за поздравување е фактот дека државата започна со зголемувањето на минималната плата, но и со сет други мерки кои ќе стимулираат подобро платени работни места. Тоа секако е процес што трае, но убеден сум дека ќе се почувствува на среден и на долг рок. Очекувам во наредниот период да продолжи да расте минималната плата, а со тоа да расте и просечната плата што ќе го зголеми интересот на младите за работа и преку неа дома да си ја градат иднината. Општината нема директни ингеренции во овој дел, но секако има клучна улога, а и обврска во подготовката на теренот преку урбанизација на градот да ги следи потребите на бизнис секторот, со што очекуваме отворање нови капацитети и пристојно платени работни места. Ние сме тука отворени за бизнисот…
Штип во екс-Југославија беше на прво место по солидарноста на своите граѓани. Водена од тој факт, општината формира солидарен фонд. Што е целта на таа идеја и до каде сте со фондот?
-Солидарноста и хуманоста се убав белег на ова општество и на нашите граѓани. Имајќи го ова предвид, дадов идеја за формирање на солидарен фонд кој ќе се полни од физички и правни лица, а ќе биде единствено за помош и поддршка на граѓани кои имаат одредени здравствени проблеми за чие лекување се потребни повеќе пари. Формиравме управен одбор составен од повеќе субјекти. Очекувам фондот наскоро да биде ставен во функција, за што јавноста навреме ќе биде информирана.
Граѓаните бараат повеќе зеленило, градот нема ниту еден асолен парк, во предизборието ветивте такви проекти…
-Општина Штип преку ЈП „Исар“ секојдневно работи на формирање нови и одржување на постојните зелени површини во градот. Населбата Суитлак ги претставува белите дробови на Штип и секако дека размислуваме за формирање на дополнителни содржини таму, кои ќе бидат место за уживање на штипјани.
Вие сте и потпретседател на СДСМ. Во штипската јавност се говори за незадоволство на голем број партиски членови од состојбата, луѓето се бореле да срушат еден недемократски режим, успеале во тоа, имале надеж дека со новата власт ќе доживеат убави моменти во својот живот, но не дочекале такво нешто…
-СДСМ е државотворна партија, а преку тоа и сите членови се свесни која е нејзината улога во политичкиот живот во Македонија. Убеден сум дека секој член на СДСМ е горд со тоа што бил дел од ова време и дал свој придонес во рушењето на режимот и враќањето на демократијата во државата. Денес државните институции и општинските институции ги водат голем број социјалдемократи, луѓе во кои имаме доверба и на кои им е дадена шанса да дадат сè од себе и да сработат за граѓаните и државата. Но, за оние што не даваат резултати ќе се бара нивна замена затоа што граѓаните очекуваат позитивни и брзи промени. Секако, во таа трка со времето социјалдемократите мора да бидат напред и да испорачаат брзи резултати.
Колкава е Вашата успешност во развојот на инфраструктурата во општината да користите и грантови и донации… Има тврдења дека на инвентивните општини им стојат на располагање многу пари, проблемот бил во немањето проекти…
-Средствата што се на располагање во буџетот на Општина Штип се ограничени. Ние како локална власт правиме сè нашата општина да добие повеќе средства од дополнителни фондови, а сè со цел да се реализираат повеќе проекти. Во таа насока подготвуваме проектна документација за реконструкција на четири куќи во штипско Ново Село, што ќе влијае врз развојот на туризмот, а дополнително аплициравме на проекти заедно со Општина Гоце Делчев од Бугарија во делот на прекуграничната соработка. Ја имаме и поддршката од Владата преку неколку министерства и Бирото за рамномерен регионален развој, која е многу важна за реализација на поголем број проекти што значително ќе го подобрат животот на граѓаните.
Штип во 2004 година беше првиот Град на културата во државата. Вие за културата годинава од буџетот издвоивте максимални 9,6 милиони денари… Во штипската јавност постои мислење дека манифестација каква што е „Пастрмајлијадата“ не може да биде културен производ, дека е тоа комерцијална работа, но и покрај ваквите мислења општината од својот буџет за „Пастрмајлијадата“ како штипски бренд ќе издвои 40.000 евра. Во ред ли е ова?
– Еден од нашите успеси во овој краток период е фактот што во Штип културата се враќа на голема врата. Манифестацијата „Штипско културно лето“ со петнаесет настани го даде својот прв чекор во оваа насока, а на отворањето, по долги години, одново ја видовме преполната сала во домот на културата „Ацо Шопов“. Во овој дел сакам да нагласам дека Штип издвојува најмногу средства од оваа програма за „Макфест“, најзначајниот фестивал на забавна музика во Македонија кој ќе се одржи на почетокот на октомври, а можам да најавам со сигурност дека по повеќе години ќе блесне во вистинскиот сјај.
Пастрмајлијата е наш гастрономски бренд, „Пастрмајлијадата“ се организира повеќе од десет години, а за неа слушаме најразлични коментари од граѓаните. Сепак, морам да нагласам дека се работи за голем настан на кој настапуваат повеќе пејачи од земјата и од странство, но од друга страна, тоа претставува и економска промоција на градот и на пастрмајлијата по која Штип е надалеку познат. Оваа година главна ѕвезда ќе биде Северина, а настанот ќе биде отворен од Влатко Стефановски и многу други ѕвезди.
Иван Бојаџиски