Интервју со Блерим Река: Има клима за претседател Албанец


Од каде е инспирацијата да се кандидирате за претседател?

– Од желбата да направам нешто добро за државата, во која граѓаните веќе ја изгубија перспективата и во сè поголем број ја напуштаат земјата. Ако досега земјата ја напушти четвртина од населението, а предвидувањата за наредната декада се дека ќе ја напуштат уште 23 отсто, тогаш треба да направиме сè да не завршиме како празна држава. А, без правна држава, земјата ќе биде празна држава. Во тој случај иселените граѓани веќе ќе бидат „интегрирани“ во ЕУ- пред државата.

Имате поддршка од албанската опозиција, но не и од позицијата. Како го коментирате ова?

– Тоа е нивен избор.

Дали мислите дека е создадена клима Албанец да биде претседател?

– Да, затоа што со тоа Република Северна Македонија би го затворила предолгиот речиси дведецениски постконфликтен период и би влегла во новиот, прединтеграциски период. Како 30. држава членка на НАТО и како земја преговарач со ЕУ, со тоа би докажале дека внатре имаме меѓуетничка толеранција, а надвор би покажале државна зрелост, како иден евроатлантски партнер. Како што тоа, на пример, го направи Романија, каде што претседател е претставник на тамошното германско малцинство.

Дали мислите дека вие би биле најсоодветниот консензуален кандидат за претседател, кој исто така би бил поддржан од власта?

– Не можам да шпекулирам. Сепак, тоа е избор и одлука на власта, која веќе се изјасни за свој кандидат. Затоа е нескромно од моја страна да коментирам, а најмалку е коректно да дадам мој личен коментар.

Која ќе биде вашата платформа што ќе ве разликува од другите?

– Мојата платформа ќе биде „За Републиката“, што значи за држава што функционира врз основа на владеење на правото, а не врз основа на владеење на поединецот. За република, а против заробената и приватната држава. За евроатлантска и мултиетничка република, во која нема да има политизирано судство, непотистичка администрација, неизвесно специјално обвинителство, Врховен суд кој го толкува законот наместо Собранието, а Собрание што амнестира и го чува имунитетот на осомничени пратеници.

Ќе биде ли тешко поминувањето во вториот круг на изборите?

– Не, затоа што верувам дека ќе успеам да ги убедам сите граѓани, без оглед на националната припадност. И граѓаните, исто така, веруваат во идејата за републиката, па затоа верувам дека мнозинството гласачи ќе го поддржат мојот концепт за држава за сите, за држава на рамноправни граѓани.

Ако не поминете, сепак, кој кандидат ќе го поддржите?

– Не го поставувам тоа прашање, затоа што сум сигурен дека ќе влезам во вториот круг.

Дали кампањата ќе биде граѓанска или ќе биде фокусирана само на албанската заедница?

– Концептот за републиката е општ концепт што нема етничко адресирање, туку е демократски и инклузивен поредок за сите нејзини граѓани. Републиката може да функционира само врз основа на владеење на правото, функционална демократија, човекови права, независно судство и компетентна и професионална непартиска администрација. Овој концепт може да профункционира само ако државата е на сите и за сите, а никако етноцентрична. Државата не може да биде ничија приватна сопственост, туку заедничко наследство на сите нејзини граѓани, без никаква дискриминација. Републиката не познава дозирана демократија, ни статистички нации ниту, пак, процентуални права.

Арменд Мурсели