Интервју со Асаф Адеми: Моето министерување ќе биде без скандали
Изминува четвртиот месец откако Асаф Адеми е на функцијата министер за култура. Тој е дипломиран градежен инженер, а во биографијата се запишува и неговото амбасадорско место во Данска. Претходно, бил и раководител на урбанистички сектори во гостиварската општина, но и менаџер на компанија која нуди услуги во областа на информатичката технологија. Адеми е кадар на движењето БЕСА на Африм Гаши.
Ќе започнам со последните случувања во културата околу филмот „Ругање со Христос“ на Јани Бојаџи. Јавноста е запознаена и со Вашата реакција, но во неговите изјави подоцна се спомена една реченица која гласи: „Ако еден филм може да го урниса соживотот, тој никогаш и не постоел“. Како го коментирате ова?
Не би сакал да коментирам туѓи изјави, но ќе кажам дека соживотот во Македонија е нешто со кое треба да се гордееме надвор во светот. Ние претендираме да бидеме дел од ЕУ каде што различностите се почитуваат. Таа различност ние ја имаме, ние сме мултиетничка држава каде што живеат различни националности. Нашата заложба како држава и како министерство треба да биде тоа, да ги надградуваме меѓунационалните односи.
Најавивте измени во Законот за филмска дејност и во однос на поголема отчетност при финансирањето, што е добро. Но, како ќе ги ставите во законска рамка идеите, темите и пораки што ќе ги испраќаат филмовите?
Не сакам да бидам погрешно разбран. Во ниту еден случај не сакаме новиот закон или моите изјави да звучат дека одиме кон некаква цензура, туку напротив. Ние ќе се залагаме сите режисери кои ќе сакаат да снимаат филмови да ги поттикнеме и да ги уживаат сите права според највисоките европски и светски стандарди. Но, ние мора да се грижиме за парите што излегуваат од буџетот и не смееме да си дозволиме проекти што ќе го урнат она со кое се гордееме и што макотрпно се трудиме да го изградиме, а тоа се меѓунационалните односи. Сите аспекти од животот во земјава се во контекст на поттикнување на добрите меѓуетнички односи. Доколку со наши пари поттикнеме творештво што ќе ги загрози нив, ние тогаш одиме во спротивност на нашите заложби.
Неколку месеци сте на функцијата. Вашата биографија не е поврзана со овој ресор. Успеавте ли да ги лоцирате проблемите во културата во Македонија?
Од 4 јуни сум тука и од првиот работен ден ги почнав моите средби со сите чинители на културниот живот во Македонија, започнувајќи од вработените во Министерството, а потоа и со директорите на националните установи, невладиниот сектор. Имав средби и со физички лица кои сакаа да ги слушнам нивните идеи што би го поттикнале културниот живот во Македонија. Неколку дена пред да дојдам била донесена нова систематизација на работни места, па првиот предизвик беше да се справам со фрустрациите на некои вработени кои се распределени на други работни места. Работев на тоа да ги мотивирам да се вложат повеќе од тоа што го правеле. Неколку дена се трудев да ги поттикнам да размислуваат да работиме и да ги решиме предметите што се натрупале во минатото. Направив пресек на финансиските обврски, на реализацијата на капиталните инвестиции до тој момент, пресек на процентот на реализација на проектите во сите дејности. Оттука почнав со моите заложби, односно визијата што ја имав. Точно е дека не доаѓам од сферата на културата, но имам добар бекграунд од менаџерски аспект. Работев во компании со голем број вработени и знам како треба да се мотивираат вработените и како да се придвижат работите нанапред. Ги утврдивме проблемите, но исто така јас сум дел од коалициската влада која се залага за реформи. Имаме Национална стратегија за развој на културата, имаме акционен план, па согласно со тоа и се движиме.
За жал, и во минатите години овој ресор си го добиваше местото во медиумите најчесто преку скандали. Се надевам дека тоа ќе се промени. Кои ќе бидат Вашите приоритети?
За жал, во право сте. Министерството за култура беше едно од тие што го направи тој јаз меѓу различните заедници во Македонија. Беше во насока само да послужи на една заедница. Нашата идеја е ова министерство да им припадне на сите и ние ќе дејствуваме културниот развој да биде заснован врз рамномерен пристап, но и ефикасно работење и отчет кон јавноста за сè што правиме. Имав средби и со вас новинарите и секогаш сè што ќе ви биде потребно, секоја информација ќе ја добиете. На средбите со моите соработници го побарав тоа од нив, да бидат ефективни во одговорите кон вас. Имам доверба во себе и во соработниците и уверен сум дека таа доверба која им е дадена нема да биде злоупотребена, туку ќе ми се врати на ист начин. Им верувам на луѓето сè додека не се докаже спротивното. Верувам дека моето министерување нема да биде обележано со скандали, туку ќе биде запаметено како ефективно и како министерство што им овозможи еднакви права на сите.
Следуваат измени во Законот за култура, а тука спаѓа и Годишната програма за финансирање на проекти од национален интерес, а токму во тој дел ќе правите измени. Какви?
Имавме јавна дебата за изменување на Законот за култура и предлог-законот е веќе поставен на нашата веб-страница. Актуелниот закон е стар веќе 20 години и 16 пати е интервенирано во него. Имаме потреба од нов закон со кој ќе го заштитиме она дека културното право е неприкосновено човечко право. Скандалите што се правеле претходно се поврзуваат токму и со начинот на финансирање при годишните програми. Се работи на утврдување на јасни критериуми, кои проекти би се финансирале, што значи проект од национален интерес. Очекувам работните групи да достават конечни заклучоци и тие да бидат ставени во новиот закон за јавен интерес во културата.
Во изминативе години оние што беа одбивани од финансиска поддршка за проекти најчесто реагираа на тоа дека нема критериуми или имаа забелешки за компетентноста на одредени членови во комисиите што одлучуваат. Како ќе се избираат членовите?
Тие треба да бидат стручни лица, да преземат одговорност и да имаат јасни ставови дека нема да потклекнат на никакви притисоци од која било страна. Најважно ми е да ја преземат одговорноста.
До каде е одлуката што ќе се прави со проектот „Скопје 2014“?
Работната комисија работи на сите сегменти што се поврзани со „Скопје 2014“ и поради обемноста на работата, нивните обврски се на долгорочен план. Досега се доставени неколку елаборати коишто се испратени до Владата. Речиси во сите елаборати може да се забележи дека има голем број прекршувања на закони, членови од Уставот. Нашата работа како министерство е да ги примиме тие забелешки и да ги доставиме до Владата, а согласно на тоа, понатаму работа ќе имаат истражните органи.
Подолг период Турскиот театар се соочуваше со блокирана сметка, иако тоа не претставуваше проблем вработените да земаат плата. Што се случи?
Во тек е судска постапка помеѓу Турскиот театар и компанијата што ги реализираше работите „Македонија проект ДООЕЛ“. Во меѓувреме тие формираат фирма ќерка и сите нивни обврски ги префрлаат таму. Во исто време, Турскиот театар ги трансферира парите до „Македонија проект ДООЕЛ“, а облигациските односи ги презема фирмата ќерка и ја блокира сметката на театарот. Преземени се чекори за правно решавање на оваа состојба и верувам дека бргу ќе се реши во полза на Турски театар.
До каде е ревизијата за реконструкцијата на Албанскиот театар?
Формираната работна комисија по ова прашање треба да изнесе заклучоци до средината на месец ноември.
Додека сме на тема театар, се најавуваше и Закон за театар?
Се утврдуваат реалните потреби за нов закон и согласно со заклучоците на работната група, ќе ги преземеме следните чекори.
Не сите градоначалници се наклонети кон вистинските вредности на културата. Тоа можеме да го заклучиме од она што го нудат во програмите на локалните манифестации. Какво е Вашето мислење за децентрализацијата, односно дали центрите за култура треба да бидат под надлежност на локалните самоуправи?
Децентрализацијата е во рамките на Националната стратегија за развој на културата. Побаравме од сите градоначалници да ни достават анализа за нивниот интерес и материјалната можност за преземање на дел од националните установи. Согласно на тоа, стручните служби од Министерството ќе состават ранг-листа кои општини може да прифатат одредени надлежности. Исто така, направивме анализа од евалуацијата од досегашниот процес на децентрализација на културата. Сигурни сме дека има потреба од деметрополизација на културата, имаме потреба од рурален развој на културата и треба да биде присутна еднакво во сите делови на државата. Анализа се прави во однос на тоа дали општините имаат човечки ресурси кои ќе настојуваат да го одржат нивото на културниот живот. Нема тоа да биде популистичка одлука, туку одлука заснована врз реалноста и можноста на општините.
Голем број од вршителите на должност на националните установи се заменети, односно избрани се директори…
На почетокот се зачудив кога видов дека голем дел се вршители на должност. Тоа за мене е неприфатливо. Луѓето што се на чело на институциите треба да бидат одговорни за тоа, но и да имаат визија како ќе ја развиваат установата. Согласно со законот, објавивме конкурси за избор на директори и досега се назначени 31, а останати се уште 13 национални институции за кои се исполнети условите, така што наскоро ќе бидат именувани.
Дали сте вклучен во кампањата за референдумот, со оглед на тоа што и БЕСА влезе во коалицијата за поддршка на договорот од Преспа? Каков исход очекувате и што би значело членството во ЕУ во однос на културата?
Да, вклучен сум во кампањата и почнавме со активностите согласно со планот на активности на движењето БЕСА и имаме активности речиси секојдневно. Уверен сум дека граѓаните ќе излезат на 30 септември и ќе гласаат „за“, а тоа ќе ни отвори можности многу поголеми и од аспект на културата. Ќе ни се отворат поголеми можности во привлекување на фондови и инвестиции, кои би ги добиле за развивање на сите дејности во културата. Но, не само во поглед на финансискиот дел, туку ќе биде полесно и претставувањето на нашите културни дејци надвор во земјите од Европа.
Ивана Настеска
Фото: Борис Грданоски