Интервју со Александар Наумоски: Индустриска зона покрај обиколницата ќе ја развива Општина Ѓорче Петров


Општината Ѓорче Петров е една од најстарите скопски населби, која датира од Првата светска војна, кога била предградие на главниот град. Денеска Ѓорче Петров е специфична мешавина на урбан дел, со четири населби и рурален, со седум села. Градоначалникот Александар Наумоски во интервју за „Независен весник“ вели дека економскиот развој на општината е врзан за обиколницата на Скопје, каде што ќе се смести индустриска зона, но напредокот го гледа и во историјата и во традицијата, преку можноста за привлекување на што е можно повеќе туристи.

 

Господине Наумоски, општинските простории веќе требаше да бидат преселени во новата зграда. До каде е изградбата, има ли конечен рок до кога треба да се заврши?

Околу 90 отсто од градежните работи, на делот од објектот што треба да ѝ припадне на општината, се завршени. Останува уште мал дел, ситни завршни градежни интервенции и опремување на просториите со мебел и опрема. Делот од објектот што треба да ѝ припадне на општината треба да се заврши до крајот на октомври годинава, а делот на приватниот партнер, до крајот на мај следната година. Во моментов, приватен партнер е сè уште „Трансмет“, но компанијата има поднесено барање до Општина Ѓорче Петров за добивање согласност за промена. Советот на Општината сè уште нема донесено одлука за ваквото барање, во очекување на важечка банкарска гаранција која треба да ја достави „Трансмет“. Во меѓувреме, се водат разговори за пренос на договорот за јавно-приватно партнерство на друг приватен партнер, чиј исход сè уште е неизвесен.

 

На кои проекти од локалниот економски развој ќе им дадете приоритет, како сметате дека треба да се развива Општината?

Главниот фокус на активностите и проектите е ставен врз инвестиции за подобрување на комуналната, енергетската и сообраќајната инфраструктура. За многу кус временски период се реконструираа и се изградија голем број локални улици и патишта, водоводни и канализациски системи, а се инвестираше и во подобрување на енергетската и телекомуникациската инфраструктура. Одржливиот урбан развој е концептот согласно кој ја развивавме Општината со нагласена примена на енергетски ефикасни материјали, современи технологии и модели на градба, за кои осмислуваме соодветни пакети за поддршка на граѓаните, согласно нашите надлежности. Работиме на намалување на невработеноста и зголемување на животниот стандард на граѓаните преку градењето партнерства меѓу општината и граѓаните, невладините организации и приватниот сектор. Сакаме да ги искористиме богатото културно-историско наследство и традициите на Ѓорче за развој на туризмот. Еден од поголемите неискористени потенцијали е и просторот во близина на обиколницата кој нуди одлични можности за развој на индустриски зони. На крај, посебно би го истакнал проектот за модернизација на јавното осветлување во општината, на кој ќе му дадеме приоритет, пред сè поради големото незадоволство на граѓаните од постојниот квалитет на јавното осветлување кој го затекнавме од претходната локална власт.

Беа најавени и проекти како градинка во Волково и амбуланта во Дексион, канализација за повеќе места, стационар за кучиња, јавно осветлување со фотоволтаици… до каде се овие проекти?

Иако начекавме катастрофална финансиска состојба од претходната власт и стартувавме речиси од нула, скоро сè што споменувате е во фаза на реализација, а дел од тоа и веќе реализирано. Неодамна, потпишавме меморандум за соработка со министерствата за здравство и за труд и социјална политика за градење нова градинка и нова модерна амбуланта во Дексион, на место на постојниот здравствен дом, проект кој ќе биде реализиран преку јавно-приватно партнерство. Со тоа ќе го решиме големиот проблем на медицинските работници и на граѓаните кои сега работат во лоши услови и се лекуваат во руинирана амбуланта стара над 50 години, но и значително да го намалиме бројот на дечиња кои чекаат да бидат запишани во градинка. Покрај тоа, предвидена е изградба на уште една градинка во Волково до 2020 година. Работиме на проектот и за тој објект, и се надевам оти ќе го заокружиме тој процес побргу од предвиденото. Напорно работиме и на урбанизација и на подготовка на деталните урбанистички планови бидејќи затекнавме катастрофална состојба со нереализирани урбанистички планови.

Во меѓувреме, го осветливме Ѓорче со нови светилки на места каде што граѓаните со години се движеа во темници, го довршуваме асфалтирањето на 33. улици во Волково и Кисела, а веќе асфалтиравме и тампониравме уште 20-ина улици во сите делови на општината. Во Никиштане обезбедивме дополнителни средства од проект на Министерството за животна средина за речиси целосна доизградба на водоводната и стартувавме со уште еден голем проект во Волково за поставување фекална мрежа во должина од 22 километри, која претходно била поставувана со самопридонес од граѓаните. На улицата „Алексо Демниевски“, пак, извршивме асфалтирање, проширување и поставување атмосферска канализација и граѓаните веќе изразуваат големо задоволство од тој наш чекор. Целосно ги рехабилитиравме „Исаија Мажовски“ и околната патека во Хром, патот кон крстот во Кучково, а Советот даде зелено светло и за доискористување средства од кредит за изградба на канализациска мрежа на улиците „Радушка“ и „Црногорска“.

Во образованието обезбедивме бесплатна здрава ужина за цела година за сите првачиња и бесплатна еднодневна екскурзија за децата од одделенска настава. Ангажиравме помошници за дечиња што имаат хендикеп, а посетуваат училиште, исто така и за стари, изнемоштени и за болни лица, а речиси ниту едно барање за социјална помош, новороденчиња, но и за успешни спортисти од Ѓорче Петров не е одбиено. Во овој контекст, континуирано поддржуваме отворање на нови спортски клубови и ја внесовме нашата фудбалска гордост ФК Македонија Ѓорче Петров во Првата лига. За стационарот за кучиња, за жал, не сме надлежни во постапувањето, а на Градот Скопје му стоиме на располагање да овозможиме место, техничка и логистичка поддршка за тој да се отвори во рурален дел што не е густо населен, а е дел од нашата општина. Нормално дека нема да застанеме тука. Општината е достапна, отворена и услужна постојано, работиме без работно време, а секој ден е приемен ден.

 

Задоволен ли сте од чистотата во Општината?

Особено сме фокусирани на чистотата. Задоволен сум, но секогаш може повеќе и подобро. Токму во изминатиот период спроведовме неколку големи вонредни акции за косење, уредување зеленило, но и за чистење на делови од Ѓорче Петров кои во изминатите години биле целосно запоставени. Забележуваме и зачестена појава на фрлање кабаст отпад околу контејнерите и сакам да апелирам до граѓаните за повисока свест. Во моментов само апелираме, а од идната година ќе почнеме со ригорозни мерки на казнување, иако би сакал да го сочуваме редот без да казнуваме. Ќе формираме и јавно комунално претпријатие „Ѓорче Петров“, кое дополнително ќе ни овозможи да бидеме поекспедитивни, со поголем тим и со помногубројна механизација.

Сања Наумовска