Интервенција за гаснење пожар во село Саса


Откако пред три дена интервенираше на запалено стрниште во месноста Каменарски рид, денеска Територијалната противпожарна единица од Македонска Каменица спречи нов пожар во село Саса. Според информациите на командирот на ТППЕ од Македонска Каменица, Малин Трајчевски во акцијата за гаснење на денешниот пожар во Саса, учествувале двајца пожарникари со едно противпожарно возило.

– Денес наша екипа учествуваше во гаснење на пожар на местото викано „Витовци“ во атарот на село Саса. Со пожарот беше зафатена површина од два хектара, како и мал дел од дворната ограда на сопственикот на поседот кој активно учествуваше во гаснењето на огнот заедно со двајца вработени од нашата единица. Пожарот е локализиран со минимална материјална штета, информира Трајчевски.

Тој апелираше да не се палат стрништа, бидејќи во спротивно засилени со појавата на ветер, палењето на стрништа може да предизвика поголемо опожарување на околината.

Во претходниот пожар кај месноста Каменарски рид изгореа осум хектари сува трева, трње, папрат и мал дел букова шума.