Инспекторат: Децата со дијабетес се правилно лекувани


Матичните лекари како и здравствените работници во болничките установи ги третирале четирите деца со дијабетес согласно упатствата и протоколите за медицина базирана на докази, утврдил Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ).

Инспекторатот минатата недела спроведе вонредни контроли кај доктори во Охрид, Свети Николе и Гевгелија, откако од Асоцијацијата за детски дијабетес „Баланс МК“ посочија дека болеста кај четири деца била доцна откриена, по што децата се доведени во животозагрозувачка состојба. Детето од Охрид, на 14 години, беше дури однесено на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ).

„Во врска со случувањата од предходните денови кога за краток период имавме четири случаи на деца со дијабетес мелитус тип 1 од внатрешноста , поточно две од Охрид, едно од Гевгелија и едно од Свети Николе, од страна на ДСЗИ извршени се вонредни инспекциски надзори кај матичните доктори на децата. Од увидот е констатирано дека сите четири деца за прв пат им е дијагностициран дијабет по последното влошувањето на здравствената состоја поврзана со хоспитализацијата на клинките во Скопје. Сите посетите на децата кај матичените лекари како и посетите во останатите здравствени установи, воглавно се уредно евидентирани“, се вели во заедничкото соопштение од Инспекторатот и од Детската клиника.

Дијабетес мелитус тип 1 е најчесто автоимуно заболување кое се карактеризира со деструкција на бета клетките на панкреасот при што доаѓа до комлетен недостаток на инсулин. Една третина од новодијагностицираните деца од дијабетес мелитус тип 1 се примаат во кетоацидозна состојба која бара интензивна терапија. Децата обично пројавуваат симптоми на зголемен внес на течности, зголемено мокрење, зголемен внес на храна, слабеење и стомачни болки, една до четири недели пред да им биде поставена дијгнозата. Нашата држава спаѓа во земјите со мала/средна инциденца во однос на појавата на дијабет кај деца. Во последните години постои тренд на зголемување на бројот на заболените кое е во согласност со светските трендови, стои во соопштението.