Иниеста со солзи во очите: Заминувам од Барселона


Капитенот на Барселона, Андрес Иниеста официјално објави дека го напушта „Камп Ноу“.

Триесет и четири годишниот фудбалер ја соопшти својата одлука на денешната прес-конференција.

„Ова е моја последна сезона во Барселона. Одлуката е тешка и јас никогаш не мислев дека ќе биде толку комплицирано и емотивно да го објавам“, рече во солзи познатиот играч од средниот ред.

Херојот на Шпанија ја напушта Барса по 22 години во клубот.

Досега, Андрес има освоено 31 трофеј со дресот на Каталонците, а в недела може да додаде уште една шампионска титула во своите витрини.

„По 22 години во Барса знам какво е чувството да играш за најголемиот клуб во светот. Знам што е потребно, за да си капитен и да играш на високо ниво. Разбирам многу добро дека животот е таков и порано или подоцна е време за разделба. Кај мене е потешко, бидејќи се збогувам не само со фудбалски клуб, туку со мојот живот тука, бидејќи дојдов во Барселона многу мал“, рече Иниеста.

Тој додаде дека повеќе не може да го даде најдоброто од себе на теренот и дека не е на потребното ниво.

„Не можам да си дозволам да останам во тимот и да бидам товар, ако не се справувам како што треба. Барселона, исто така, не заслужува ваков однос“, додаде емоционално капитенот.