Индонезиските полицајки принудени на „инвазивен тест за невиност“


Индонежанките кои сакаат да станат полицајки, принудени се за време на регрутирањето да направат „инвазивен тест за невиност“. Една од нив изјави и дека тестовите не ги извршуваат медицински експерти, стои во извештај на меѓународната организација Хјуман рајтс воч.

– Секогаш кога ќе се сетам на тоа, плачам. Тогаш се чувствувам како да не ми е грижа за животот, наведе таа.

Со тестот се проверува дали хименот сѐ уште е непроменет, а тоа се прави со ставање два прста во нивната вагина. Постапката е критикувана не само како инвазивна, туку и поради тоа што често е многу непрецизна во одредувањето на невиноста.

Професорката на Технолошкиот универзитет на Нов Зеланд во Оукленд, докторката Сара Греам Дејвис вели дека тоа прашање е сè уште актуелно, и покрај фактот што ваквата пракса повеќе не е дозволена во Индонезија.

– Полицајките минуваат низ тоа уште од 1965 година, напиша докторката Греам Дејвис во нејзината студија за проблемот од 2015 година.

Во друга студија објавена оваа година, таа снимила изјава на една полицајка која рекла дека смета оти тестот се спроведува со добронамерни причини и оти би требало да продолжи.

– Тестот покажува дека ние како жени можеме да се заштитиме самите себе и оти, со самото тоа, сме способни да ги заштитиме и другите луѓе, рекла 27-годишната Аниша.

Според наводите на Хјуман рајтс воч, врз жените исто така се врши притисок да изгледаат привлечни. Нивните телесни мерки ги земаат мажи, а машка е и комисијата што ја оценува нивната убавина.

Жените, сепак, почесто се користат во улоги за „демонстрација“, додека мажите ги извршуваат потешките задачи.

– Луѓето сакаат убави работи и добро реагираат на нив. Исто е и кога се во прашање полицајките, заклучува докторката Греам Дејвис.

Индонезиските власти не одговорија на барањето на Еј-Би-Си Њуз да го коментира ваквото однесување при регрутирање на жените во полициска служба.