Индија ја поздрави одлуката на Пакистан за ослободување на пилотот


Индија денеска ја поздрави одлуката на Пакистан да го ослободи заробениот индиски пилот, чиј авион МиГ-21 беше соборен за време на судирот меѓу двете сили во областа Кашмир.

Портпаролот на индиските воздухопловни сили, Р.Ј.К. Капур рече дека воздухопловните сили на Индија „се исклучително задоволни и со нетрпение го очекуваат враќањето на индискиот пилот”.

Пакистанскиот премиер Имран Кан претходно денеска во парламентот на таа земја објави дека индискиот пилот ќе биде ослободен како гест на мирот, односно чекор што ќе помогне да се намали тензијата во односите со Индија.

Кан, исто така, рече дека од турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган ќе побара помош во посредување со цел намалување на тензиите меѓу двете земји.

– Ескалацијата на тензиите не е ниту во наша, ниту во корист на Индија. Земји можат да бидат уништени поради погрешна проценка. Војната не е решение. Меѓутоа, ако Индија направи чекор во таа насока, ќе одговориме со иста мера, рече Кан.