„Империјата“ е безбедна


Поплавата во Специјалното јавно обвинителство уништила докази од еден од најбитните предмети – „Империја“. Оваа вест вчера ги преплави медиумите, за потоа од Специјалното јавно обвинителство да објаснат дека вистината е поинаква. Тврдат дека во институцијата воопшто немало поплава, туку дека пред една недела, во неработен ден навечер пукнала цевка од системот за парно греење и водата зафатила документи поврзани со три случаи – „Шпион“, „Триста“ и случајот „Империја“.

Иако беше објавено дека поплавата се случила во подрумските простории, од СЈО брифираат дека тие немаат подрум и дека дефектот се случил во сутеренски простории во кои има канцеларија. Обвинителката која го води случајот „Империја“, Лиле Стефанова за „Независен“ вели дека уште вечерта кога се случил инцидентот заедно со својот тим дошла во институцијата и се што имало таму веднаш го повлекле, а имале мал дел од доказите во таа просторија. Таа е децидна дека нема уништени докази од случајот „Империја“ во кој се осомничени поранешниот шеф на тајната полиција, Сашо Мијалков, бизнисменот Орце Камчев и десетина други лица. Таа се сомнева дека некој сака да создаде погрешна слика дека се уништиле докази и да го дискредитира предметот „Империја“.
„Се е попишано, скенирано и соодветно обезбедено“, вели Стефанова.

И од СЈО велат дека доказите од „Империја“ се тука, дека водата зафатила и намокрила некои документи, дека тие биле сочувани и исушени и немало никаков проблем. Според верзијата на СЈО, евентуално би можело да фали нешто од предметите „Триста“ и „Шпион“ кои се во судска постапка, но ако биде утврдено тоа, ќе ги побараат документите од други институции.

„Дополнително се се скенира и се чува во електронска форма“, велат од СЈО. Дефектот што се случил во СЈО се објавува во момент кога најголемите политички партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, треба да почнат да преговараат за да се обезбеди мнозинство и да биде изгласан предлог – законот за Јавно обвинителство со кој треба да се реши статусот на СЈО. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски бара смена на Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева и нејзиниот тим, а премиерот Зоран Заев барем јавно и декларативно вели дека нема да ја жртвува Јанева, но уште е неизвесно како ќе биде обезбедено двотретинското мнозинство за да се изгласа овој Закон. Иако требаше да бидат формирани работни групи што ќе треба да ги испеглаат разликите меѓу двете политички партии, уште се чека ВМРО-ДПМНЕ да ги каже своите забелешки.

Вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи од редовите на ДУИ, партија чиј лидер е осомничен во една од истрагите на СЈО, вели дека овој закон е важна одредница на патот за добивање на датум за почеток на преговорите. Иако и тој самиот е осомничен во еден од случаите, вели дека коалициските партии имаат волја да се забрза процесот и да се донесе законот, па затоа си поставиле рок до 19 март.

„Јас очекувам дека дијалогот околу ова предлог решение за кое ние, партиите во Влада дадовме поддршка, ќе продолжи со цел да се обезбеди доволното мнозинство и да се усвои законот бидејќи СЈО ќе биде важна одредница за проценка на успешноста на реформскиот процес“, вели Османи.
Тој вели дека лажна вест е дека ДУИ барале смена на Јанева и нејзиниот тим и негира дека оваа партија барала „бомбите“ да не бидат користени како докази во истрагите на СЈО по 30 јуни 2017 година.

„Тоа се лажни вести, тоа не биле барања на ДУИ“, вели Османи. Единствено нешто што за нив било спорно во законот е правичната застапеност, бидејќи голем дел од судиите Албанци сега требало да одат во пензија, а судиите и обвинителите ќе се бираат само преку Академијата за судии и јавни обвинители со што, според Османи, правичната застапеност ќе паднела за 11 проценти. На прашањето дали власта ќе направи отстапки за да обезбеди мнозинство за законот за СЈО, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски од редовите на СДСМ со дипломатски одговор, дека разговорите мора да бидат принципелни.

„Ние сме отворени за дијалог, посебно за прашања кои се од врвен интерес за државата. Сметам дека има капацитет да разбереме сите што е интерес на државата и што е тоа што треба да го направиме се со цел да добиеме датум за преговори и да го јакнеме и градиме системот на државата ако сакаме да имаме напредок“, рече Спасовски. (Ф.Ф.С.)