Има разлика меѓу Спасов и Спасов
Александра М. Митевска
По принципот „подобро некогаш отколку никогаш“, Владата ѝ приреди изненадување на јавноста објавувајќи дека го разрешила Александар Донев, директорот на Агенцијата за туризам. Скандалот со летот до Аргентина во бизнис-класа, за да присуствува на Светскиот самит за авантуристички патувања, му „пресуди“ на Донев, кој претходно си го проби патот до директорската функција како еден од попрепознатливите учесници во „Шарената револуција“. Со задоцнување од два месеца, Владата, практично, реши да не го прифати извинувањето што тој го упати преку медиумите, ветувајќи дека ќе ги врати парите.
„Забавено, ама не и заборавено“ реагираше Владата кога го смени својот генерален секретар Драги Рашковски од местото претставник во Акционерското собрание на „Телеком“. „Само“ околу четири месеци претходно, опозициската ВМРО-ДПМНЕ се побуни дека високиот владин функционер се самоназначил за владин претставник во „Телеком“, наводно, за хонорар од 500 евра по седница.
На доскорешните членови на Државната изборна комисија, пак, им требаше помалку време пред да решат да поднесат оставки поради аферата со високите бонуси за последните изборни циклуси. Иако, практично, изнудени под притисок на жестоките реакции во јавноста, тие оставки, сепак, се случија, а нога повлекоа токму претставниците во ДИК на сега владејачката партија.
Затоа, пак, реакцијата за случајот со сообраќајката што ја предизвика актерот Драган Спасов-Дац беше експресна – и од негова страна и од страна на Владата. Спасов јавно изрази жалење за настанот, призна дека бил под дејство на алкохол, соопшти дека по сообраќајка тој и неговата сопруга се обиделе да ѝ помогнат на девојката додека чекале да стигнат полицијата и Брзата помош. Исто така, кажа и дека чувствува срам, вина и одговорност. Потоа, тоа го докажа и практично, поднесувајќи оставка од директорската функција, односно не дозволувајќи владиниот кабинет и за овој инцидент да се најде во ситуација да размислува и да калкулира месец или два дали да го смени првиот човек на Македонскиот народен театар, инаку, исто така, докажан активист во „Шарената револуција“. За волја на вистината, ниту од Владата не се обидоа да го забошотат инцидентот со актерот функционер соопштувајќи дека ќе се бара одговорност од Спасов доколку се докаже дека сторил тежок прекршок и дека таква личност не може да раководи со институција и да извршува важна функција.
Во вчерашниот билтен на МВР, меѓу сите други информации од црната хроника, осамна и таа дека лицето Д.С. (54) удрило во девојка, која потоа била пренесена во Градската болница во Скопје, каде што ѝ биле констатирани телесни повреди, по што била пуштена на домашно лекување. И тука некаде се наметнува сама по себе споредбата со едно друго лице со иницијали Д.С. (33), кое извршуваше своевремено многу повисока функција од актерот со исто презиме како неговото. Пред некоја година, можеби, и тој ќе беше приморан да поднесе оставка – доколку не беше ставена во погон речиси целата тогашна владејачка машинерија за да го прикрие инцидентот што го предизвика најмладиот министер на ВМРО-ДПМНЕ.
Диме Спасов, всушност, ја извршуваше функцијата дополнителен заменик-министер за труд и социјална политика, кога го предизвика инцидентот со „туарегот“ на Агенцијата за вработување, по што го напушти местото на настанот префрлајќи ја одговорноста на службениот возач, а потоа и обвинувајќи за полициско-криминална местенка. Всушност, има големи разлики во случаите со веќе поранешниот директор Спасов и со поранешниот министер Спасов. Една од тие разлики е чувството за политичка и морална (не)одговорност што го покажа едниот наспроти другиот.
Меѓу нив двајцата има голема разлика и во однос на возраста, но тоа секако не е главната причина поради која едниот веднаш сам се повлече од функцијата, а другиот не го направи тоа и покрај секојдневните барања за негова оставка. Можеби и Спасов помладиот тогаш ќе заминеше од функцијата, доколку Владата во која министеруваше подолго време не го наметна принципот на непреземање одговорност за грешките и на оглушување од реакциите за скандалите што ја потресуваа јавноста. Затоа, во тоа време, оставките беа апстрактна именка.
Веројатно, токму таквото (не)поведение на претходниот естаблишмент уште тогаш го дигна прагот на очекувања дека следната владејачка постава ќе се однесува поинаку и дека ќе покаже колективно чувство за политичка и морална одговорност за грешките и дека тоа ќе го прифатат поединечно и нејзините функционери.
Во неколку претходни случаи, оваа Влада реагираше задоцнето, ама сепак реагираше – соодветно и отчетно. Во последниот случај со актерот Спасов реакцијата беше експресна. Тоа е една од поуките од оваа несреќа – дека нема бегање од одговорност – посебно за носителите на јавни и државни функции.