Или расправа за амандманите, или разврска на суд


Следните две недели ќе бидат клучни за евентуалното враќање на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието. Тогаш се очекува Кривичниот суд во Скопје да донесе одлука дали ќе го продолжи притворот на петтемина пратеници од опозицијата, осомничени за ланските насилства во парламентот. Во „белиот дворец“ очекуваат Крсто Мукоски и Сашо Василевски да бидат пуштени од затворот „Скопје“ во населбата Шуто Оризари, а Љубен Арнаудов, Љупчо Димовски и Јохан Тарчуловски да бидат ослободени од куќниот притвор, и со тоа сите шестмина осомничени пратеници, заедно со веќе „ослободената“ Жаклина Пешевска, да се бранат од слобода. И, што е уште поважно за ВМРО-ДПМНЕ, да можат да учествуваат во собраниската работа. И покрај тоа што пратеничкиот имунитет им е одземен, тие можат непречено да доаѓаат на своите работни места.

Пуштањето од притвор на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ беше една од темите на разговор на партискиот лидер Христијан Мицкоски и премиерот Зоран Заев во неделата вечерта во седиштето на Владата. Самиот Мицкоски вели дека прашањето е од математичка природа, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ не може комотно да се чувствува во Собранието кога 12 проценти од пратениците се притворени.

Меѓупартиски работни групи до крајот на неделата треба да постигнат консензус по многу отворени прашања, меѓу кои и тоа опозицијата да се чувствува комотно во парламентот. Политички терор е тоа што го чувствуваат нашите пратеници во притвор и е негативна и девијантна појава“, рече Мицкоски.Премиерот Заев возврати дека има апсолутно разбирање за ставот на ВМРО-ДПМНЕ за притворите, односно дека додека не се комплетира пратеничката група – не се враќаат во парламентот, и додаде: „Сакам уште еднаш да кажам дека немаме никаква намера да вршиме притисок врз правосудството“.

Од ВМРО-ДПМНЕ се свесни дека Заев не е тој што одлучува за евентуалниот притвор, бидејќи судската власт е независна, но тврдат дека во пракса работите не функционираат така, па доколку претседателот на Владата покаже волја за ослободување на пратениците, судот тешко ќе има аргументи да се спротивстави. Од партијата појаснуваат дека сѐ уште не поднеле амандман за Законот за амнестија ниту предложиле посебен закон за прекин на постапката и ослободување на лицата учесници во немилите настани од 27 април 2017 година. Меѓу Мицкоски и Заев ќе има нова средба во текот на месецот.

Најголеми разлики постојат околу законот за јазици. Ние инсистираме да се расправа по амандманите што ги поднесовме и тоа по сите 35.000, освен доколку власта се согласи да се формира работна група во која ќе партиципираат експерти, членови на МАНУ и советници на претседателот Иванов, по што, пред сѐ, ќе се отстранат неуставните елементи во законот. Бидејќи не гледаме расположение тоа да се направи, не би нѐ чудело законот да го истуркаат без воопшто да се расправа по нашите амандмани, но тогаш ќе ги прекршат Деловникот и законите, ќе направат кривично дело, а за тоа се одговара пред суд. И ќе одговараат пред суд“, нагласи висок функционер во ВМРО-ДПМНЕ.

Заев и Мицкоски разговарале и за името, односно за преговорите со Грција, при што лидерот на ВМРО-ДПМНЕ констатирал дека нема поместување од презентираното на лидерската средба кон крајот на јануари. Лидерот на најголемата опозициска партија повтори дека нема да подржат промена на Уставот, а за идентитетските прашање не треба да се разговара.

Горан Адамовски