Изнер: Поради мене е воведено новото правило на Вимблдон


САД– Американскиот тенисер Џон Изнер ја поздрави одлуката на менаџментот на Грен слем турнирот Вимблдон, да се воведе тај-брејк во петтиот сет при резултат 12:12.

Новото правило се воведува со цел да се избегнат маратонски мечеви на кои се почесто сме сведоци, а еден таков се одигра во 2010 година кој траеше преку 11 часа и пет минути и во него Изнер го победи Николас Маут со рекорди 70:68 во петтиот сет.

Изнер оваа година одигра уште еден маратонски меч, против Кевин Андерсон играше  шест часа и 36 минути и загуби со 26:24 во петтиот сет.

– Кога ќе дојде до следниот таков меч би требало да кажат дека го применуваат Изнеровото правило. Мислам дека тоа нема да се случи, но сметам дека јас сум тој кој доведе до оваа новина на Вимблдон. Како и да е, добро е што после 12:12 ќе се игра тај-брејк, изјави Изнер.