Изложба „Причина“ на Филип Фидановски од 2 до 12 април во МКЦ


Изложбата насловена „Причина“ на Филип Фидановски ќе биде отворена на 2 април во Младинскиот културен центар во Скопје.

Делата се изработени во повеќе различни техники, дигитален принт, фотографија, керамика, принт на платно и за оваа изложба се направени во 2017 година, а дел и годинава. Изложбата ќе биде отворена до 12 април.

Фидановски е професор во Државното средно училиште за ликовни уметности и дизајн „Лазар Личеноски“ во Скопје. Од 1995 до 2015 година учествува на изложби во Македонија, Србија, Бугарија, Хрватска, Чешка, Белгија, Египет и на голем број уметнички симпозиуми во Македонија и странство, а добитник е и на неколку награди.