Изложба за актерите на МНТ од првата сезона, по повод 73 години постоење на театарот


Актерот е голем и во најмалата улога, и тогаш кога влегува во ликови кои не се први на листата на учесници – е пораката од фотографската изложба „Моќта на актерот“ која денеска беше отворена во фоајето на Македонскиот народен театар по повод неговиот 73-ти роденден. Изложбата прикажува 130 оригинални фотографии на триесет и двајца актери кои во МНТ работеле од првата сезона во 1945/46 година, па се до првата деценија на 21 век.

Тоа се актерите: Вера Вучкова-Жежељ, Добрила Пуцкова, Добрила Чабриќ-Ивановска, Тома Киров, Кирил Ќортошев, Цветанка Јакимовска, Ратко Гавриловиќ, Драга Арсенска-Велможин, Драги Крстевски, Стојка Цекова, Борис Стефановски, Драги Костовски, Пантелеј Мирковски, Таше Кочовски, Кирил Попов, Вукан Диневски, Чедо Камџијаш, Вукосава Донева, Катерина Крстева, Веска Вртева, Чедо Христов, Анче Џамбазова, Димитар Костов, Кирил Андоновски, Душко Костовски, Владимир Светиев, Александар Џуровски, Кирил Псалтиров, Мирче Доневски, Кирил Коруновски, Александар Шехтански и Гоце Влахов.

Во присуство на сегашни и поранешни вработени во МНТ, кустосот на изложбата Ивана Јарчевска ја отвори изложбата истакнувајќи дека таа е посветена на актерите кои ги имало во разни претстави, актери кои, како што рече, толкуваат големи и помалку големи ликови.

– Посветена им е на оние актери на кои најбројни им се т.н. епизодни ликови, без кои не може речиси ниту една претстава. Оние кои се паметат по вештината со која го создале секој лик, му го дале најдоброто од себе, секогаш сигурни во она што го вградиле при неговото оживување на сцената. Многу посветено и дисциплинирано го направиле свој, му ја дале својата душа. Низ фотографиите ја гледаме страста на овие актери со која го создале ликот во контекстот на претставата. Многу често тие се и клучната врска за откривање на аспектите и на она што е потскриено, а се случува на сцената. Нивната моќ за трансформација во т.н. помал лик буквално ја доловува суштината, рече Јарчевска на отворањето на изложбата која ќе биде поставена до 30 април.

Македонскиот народен театар почнал да работи на 3 април 1945 кога драмскиот ансамбл ја одиграл првата претстава „Платон Кречет“ од советскиот драматург Александар Корнејчук, во превод на Блаже Конески и во режија на Димитар Ќостаров. Историјата на МНТ почнала со првата реченица во оваа претстава: „Сонцето, колку е блиску Сонцето“, изговорена од актерката Вера Вучкова.

Седумдесет и третиот роденден МНТ ќе го одбележува во текот на април со повеќе активности под заедничко мото: „Моѓта на театарот“.