Излегоа од печат романите „Нема, и нека не ни има” и „Срце на ветрот”


Деновиве на македонски беа објавени две нови дела од автори добитници на високата Европска награда за литература. Станува збор за „Нема, и нека не ни има” од унгарската авторка Едина Сворен во издание на Издавачки центар ТРИ, и „Срце на ветрот” од ирскиот писател Донал Рајан во издание на Паблишер. Книгите се дел од едициите „Европски приказни”, односно „Калеидоскоп”, поддржани од програмата „Креативна Европа” на Европската Унија. Инаку, главна цел на Европската награда за литература, која се доделува од 2009 година, е афирмација на автори од помладата генерација и нивно промовирање на европската книжевна сцена.

„Нема, и нека не ни има” – преведена на македонски од Златко Панзов – е збирка раскази на Едина Сворен обединети околу градот Будимпешта како нивна стожерна точка. Разоткривајќи ја секојдневната драма на сложените семејни и човечки врски во кои единката треба да се снајде и да преживее, приказните раскажани во прво лице го портретираат современото унгарско општество и го носат читателот на прошетка низ секојдневиот живот на големиот град. За нејзините раскази критичарите велат дека често умеат да заболат и да ве натераат на размисла за нивната централна сцена – семејството.

„Срце на ветрот” – во превод на Мирјана Буразер Китановска – е роман за економското пропаѓање на Ирска чии последици најмногу ги чувствуваат руралните делови на земјата. Настаните се случуваат во едно мало место во кое за својата егзистенција се бори малиот и чесен работник кој обично не може да си ги усогласи желбите со околностите. Во ова маестрално книжевно деби, Рајан со одлично одмерена мистериозност и длабока проникливост, преку 21 лично видување, ги овековечува зборовите и мислите на цела една генерација. Критиката забележува дека „не постои роман кој така зборува за современа Ирска како романот ‘Срце на ветрот’, кој е олицетворение на духот на ирската провинција”.