Извештаите за хеликоптерската несреќа кај Блаце кај новиот јавен обвинител


Извештаите за хеликоптерската несреќа кај Блаце ќе му бидат предадени на новиот јавен обвинител, порача денеска министерката за одбрана, Радмила Шекринска, која положи цвеќе пред спомен-обележјата кај Катлановско Блаце во спомен и почит кон припадниците на Армијата на Република Македонија, кои пред десет години загинаа при пад на армиски хеликоптер на враќање од мисијата „Алтеа“ во Босна и Херцеговина.

„Ја презедов обврската дека сите податоци и извештаи што се достапни во Министерството за одбрана, ќе му бидат предадени на новиот јавен обвинител доколку сè уште постојат дилеми за кои слушаме за причините што доведоа до трагедијата“, рече министерката.

Хеликоптерот „ми-17“ се урна на 12 јануари 2008 година. Во несреќата животот го загубија потполковникот Тони Спасовски, мајорот Горан Ристовски, капетаните Бране Спасовски и Игор Ѓорески, наредниците Славчо Василев и Тони Давитковски, постарите водници Јанко Шириќ и Александар Тасковски, водниците Мики Ивановски и Александар Васиќ и десетарот Златко Вељановски.