Изведба на претставата „Кралот Лир“ во Турски театар


„Кралот Лир“ од Вилијам Шекспир во режија на Диего Де Бреа ќе биде изведена на 22 ноември, среда, во Турскиот театар со почеток во 20 часот. Драматургијата е на Диего Де Бреа заедно со Сибел Абдиу, а сценографијата и костимографијата се на Благој Мицевски. Изборот на музика и дизајнот на светло се на режисерот Де Бреа, а преводот е на Оздемир Нутку.

Улогите ги толкуваат Џенап Самет, Осман Али, Несрин Таир, Ерман Шабан, Зубејде Али и Ебру Мусли.

„Кралот Лир го истражува човечкото патување во темнините и бездните на смртта. Симнувањето е полно со човечки страв, несигурност и немоќ. Имено судирот со смртта не е оставен на човечкото самоволие. А Лировото заминување во подрачјата на смртната темнина е дотолку поболно и потрагично заради неговото расцепено срце и помрачениот ум. Порано Господ на Земјата, сега најдлабоко понижениот обичен смртник кој се обидува на збогувањето со животот да ја осознае вистината која ќе му ја донесе најтешката пропаст полна со лаги и невистини. Безмислосната болка на сознанието дека бил измамен и изигран го турка во лавиринтот на страдањето кој го удира со нечовечка сила и моќ. Порано сè, сега ништо. Сето тоа е казна на животот, за на крај, ако не и порано, да го преземеш на себе страдањето и низ него да се исчистиш. Лировото заминување е вистинското „danse cadabre“ во кое не е поштеден баш од ништо. Земјата стана гробница, нека го довика некој сонцето!“, пишува режисерот Де Бреа.