Изборниот модел мора да се промени
Роберт Несими
Во последните шеснаесет години Македонија избира пратеници со пропорционален изборен систем, со затворени листи поделени во шест изборни единици. Во овој период се одржани шест циклуси парламентарни избори, што е богато искуство за да се каже дека овој модел има многу слабости и време е да се промени. Тој не гарантираше адекватно претставување на политичката волја на народот во парламентот, создаде слаби и послушни парламентарни состави, некадарни да ги извршат нивните елементарни обврски и пошироко придонесуваше за слабеење на демократијата во земјата, а особено внатрепартиската демократија. Сега, кога е отворена дебата и постои реална можност овој модел да се замени со некој друг, битно е да се имаат предвид главните слабости на актуелниот систем, односно низата негови пропусти наведени подолу.
Соодветно претставување – „изгорени гласови“. Проблем број еден на сегашниот модел останува несоодветното претставување на гласовите, сликовито видлив со феноменот на „изгорени гласови“. Системот фаворизира големи партии или, пак, партии со локална поддршка, а ги пенализира партиите распределени низ целата држава. Често се случувало партии со десетици илјади гласови да не освојат ниту едно место во парламентот. На пример, на последните избори се изгорени 83 илјади гласа, или 7 отсто од вкупниот број гласови. Партии со над 10 илјади гласа, како ВМРО за Македонија, Трет блок или Левица останаа без ниту еден пратеник. Уште поеклатантен пример е 2011 година кога изгореа околу 120 илјади гласа, или 11 проценти од тоталот. Без освоени мандати останаа ВМРО – Народна со 30 илјади гласа, Нова демократија со 20 илјади и неколку други партии со 10-15 илјади гласа. Овој феномен е најдобар аргумент против актуелниот модел, бидејќи модел кој редовно и целосно игнорира толкав број гласови никогаш не може да биде фер и коректен.
Искривување на резултатот во полза на победниците. Другата страна на овој феномен е фактот што овој модел дава голем легитимитет и таму каде тој реално не постои. Така ВМРО на двапати успеа да добие апсолутно мнозинство во парламентот, иако никогаш не доби ниту половина од гласовите на избори. Во албанскиот блок ДУИ во 2016 ги доби половината од албанските пратеници со само 35% од гласовите на Албанците, а во 2011 доби 60 отсто од пратениците, иако немаше ни мнозинство на гласовите. Како што е познато, овие партии цело време се повикуваа и владееја како да имаат апсолутен легитимитет, а ова им го овозможи искривувањето на мандатите што го прави постојниот изборен модел.
Мали партии. Системот едноставно ги масакрира малите партии кои се распространети низ целата држава. Иако нивната поддршка може да биде солидна, на пример до 30 илјади гласа, тие константно се во опасност да останат без пратеници и затоа се принудени да влезат во коалиции со поголемите партии. Како што може да видиме деновиве, тие по потреба лесно можат да ја пренесуваат лојалноста кај другиот блок, а тоа целосно ја преобразува волјата на гласачите при дадениот глас за нив.
Нееднаквоста на гласачите. Освен нееднаквоста при преточување на гласовите во мандати, сегашниот модел ги прави гласовите нееднакви дури пред да почне гласањето. Ова се случува поради нееднаквите изборни единици бидејќи некои изборни единици се поголеми од другите, иако сите избираат по 20 пратеници. Ова перманентно ѝ се случува на шестата изборна единица, која на последните избори имаше околу 27 илјади гласачи повеќе од третата. Гледано од правен аспект, изборите од 2016 и 2008 година беа противуставни бидејќи разликата на гласачи помеѓу изборните единици беше поголема од максимумот дозволен со закон. Иако е технички проблем што на хартија лесно се решава, самиот факт што се појавува постојано зборува за тоа дека нееднаквоста на изборните единици е инхерентен пропуст на самиот модел, кој воопшто не би постоел ако имавме систем со една изборна единица.
100 пратеници се избираат пред да почне гласањето. Бидејќи пратениците се избираат со пропорционален систем со затворени листи, а редоследот на листата го определува партијата, голем број пратеници добиваат место во парламентот од моментот кога се кандидираат, односно пред воопшто да почне гласањето. На секои избори во секоја изборна единица однапред се знаат сигурните места во листите, па реално изборите се одвиваат само за 3-4 места по единица. Гласачите можат да гласат само за определена листа, но не и за редоследот на пратениците внатре во листата. Тоа практично значи дека со ваков изборен модел народот избира само околу 20 пратеници, а останатите стотина се именувани од партијата пред да почне гласањето.