Изборниот законик ќе се менува поради ДИК


Откако во Собранието ќе се гласа за доверба на Владата, власта и опозицијата ќе го спроведат договореното меѓу премиерот Зоран Заев и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за нов состав на Државната изборна комисија. Тоа ќе биде прв тест за реформскиот пакет, кој ги враќа пратениците на опозицијата во парламентот, иако промената на изборот на членовите на ДИК воопшто не беше на листата на Рајнхард Прибе, туку самостојна одлука на политичките лидери во земјава. Според информациите, станува збор за барање на ВМРО-ДПМНЕ, кое СДСМ го прифатило само за да ѝ удоволат на опозицијата и да ја натераат да се врати во Собранието за да се изгласаат реформските закони, за кои е потребо двотретинско мнозинство.

Според тоа, сега треба да се донесат измени во Изборниот законик, за да се смени концептот на ДИК. Моделот што беше договорен за време на преговорите во Пржино, кога во ДИК имаше по тројца членови од експертските кругови и од најголемите партии на власт и во опозиција, веќе нема да важи. Наспроти тоа, ќе се оди на тоа ДИК да функционира како административно тело, на чие чело ќе биде генерален секретар предложен од опозицијата. Составот на ДИК, кој ќе се бира исто така на оглас, ќе се состанува шест месеци пред редовни избори и ќе биде во заседание до завршувањето на изборниот циклус. Целта е да се спречи досегашната пракса да земаат големи плати, а да не работат ништо кога нема избори, но сега ќе се јави нов проблем бидејќи ќе нема толкав интерес како порано да се работи во ДИК и партиите ќе имаат проблем да понудат квалитетни кандидати.

Државната изборна комисија е обезглавена уште од декември минатата година. Поточно, ДИК, веќе со месеци има само еден член (оној од Беса), додека другите осуммина поднесоа оставки, поради скандалот со високите надоместоци за последните изборни циклуси. Во овој момент, технички нема кој да ги организира и спроведе евентуалните предвремени парламентарни избори или референдум за името доколку се дојде до решение со Грција, но и навидум банални работи како оставка на пратеник.

Веднаш по доаѓањето на Мицкоски за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, зачестија средбите со главниот политички опонент, Зоран Заев, а на една од нив беше договорено пржинскиот модел да замине во историјата. Премиерот тогаш најави дека до септември ќе биде готов новиот изборен законик, според кој Државната изборна комисија ќе ја водат професионалци, а шест месеци пред избори ќе се вклучуваат и партиски кадри. Мицкоски, пак, изјави дека комплетирањето на ДИК ќе се прави по стариот модел.

Претседателот на ДИК ќе биде од опозицијата, додека мнозинството од членовите ќе биде на власта“, рече лидерот на опозицијата.

Во февруари, пратеникот Антонио Милошоски побара Собранието да распише оглас за избор на претседател, потпретседател и шест членови на ДИК, но таа постојано беше симнувано од дневен ред.

Моментално состојбата со ДИК е незаконска и одговорноста е на собраниското мнозинство, на кој поважна му е Владата. Самите ќе бидете сведоци дека оваа точка е ставена на дното на дневен ред заради две коалициски политички партии. Кому му одговара ДИК да не биде екипирана, ќе дознаеме од редоследот на настаните кои ќе следуваат“, реагираше Милошоски.

Работата на ДИК беше сериозно критикувана во сите извештаи на ОБСЕ, пред сѐ поради нетранспарентноста, но и поради лошата организација. Во декември минатата година, амбасадорот на САД во Скопје, Џес Бејли јавно ги прозва членовите на ДИК дека си изгласале дополнителна плата за четири дополнителни месеци за нивната работа на октомвриските избори. Тие претходно дополнително добиле плата и за пет месеци по изборите од 2016 година. По избивањето ан скандалот, осум од девет члена на ДИК, на чело со претседателот Александар Чичаковски поднесоа оставка.

Горан Адамовски