Иднината како мегдан за расправа
Ерол Ризаов
Над 70 отсто од граѓаните на Грција се против тоа северниот сосед да го има во своето име зборот Македонија. Тие сметаат дека Македонија е само грчка и дека името е грчко и е украдено од соседот. Велат, треба да му се врати на сопственикот. Над 70 проценти од граѓаните на Македонија се против промена на уставното име на државата. Тие сметаат дека историските факти, правдата, меѓународното право и универзалните светски прокламирани фундаментални права се на нивна страна, правото на секој народ на самоопределување и самоименување. Дали е можно да најдат заеднички прифатливо решение Грција и Македонија сами, при вакви односи на силите во своите земји и при таква јасна определба на мнозинството граѓани?
Во двете држави течат силни дебати, полемики, протести, националистички пропаганди кои го задушуваат не само секој предлог за компромис, туку ги врзуваат рацете на преговарачите да направат похрабар чекор. По средбата на министрите Димитров и Коѕиас во Скопје, нивните изјави беа како да одговараат на прашања на свети Петар, толку внимателно да не се посомнева никој во нивната национална припадност, стопати посилна од истата христијанска, православна определба на двајцата кон верата, небаре се пред вратите на пеколот. Никогаш Димитров не сум го видел со толку деликатен кантар на јазикот на кој го ставаше секој изговорен збор. Коѕиас академски проповедаше за одржливо решение ерга омнес и за неопходноста од уставни промени во Македонија. Кога ги гледав и слушав колку беа уплашени од она малку што го кажаа, ми се слоши. Оди сега ти понуди или кажи еден поинаков збор од она што сакаат да го слушнат и твоите и нивните и нашите и вашите.
Во Грција главен адут во расправите и јавните настапи се историските докази за припадност на Македонија кон грчката античка историја и кон грчкото историско и културно наследство, кон обидите на политиките на северниот сосед да ја присвои таа историја и таа култура како своја, кон иредентизмот кој се крие во лажниот идентитет на денешните Македонци и уште еден куп историски, политички, културни, јазични докази дека татковината не ни е Македонија и дека Македонците не се Македонци и дека македонскиот јазик не е македонски…
Од друга страна, како да се разбуди од длабок сон една цела булумента политичари, научници, академици, историчари, правници, дипломати, универзитетски професори, лингвисти, писатели, колумнисти, новинари кои сега откриваат колкава неправда ѝ се прави на Македонија. Некои од нив ја прераскажуваат својата дополнителна памет како навремено предупредувале што треба да се прави, ама немало кој да ги чуе, други бараат свое место во историјата, трети нудат непобитни докази за грешките на своите претходници… Се држат вонредни јавни часови по историја, по право, по лингвистика, се раскажуваат тајни дипломатски фантастични мисии добро забиберени со сопствено учество, се обелоденуваат храбри настапи за кои никој никогаш не чул, се беседат пред камери и пишуваат спектакли од типот јас му реков на Глигоров, тој ми рече мене, јас му реков на Црвенковски, тој ми рече мене, јас му реков на Георгиевски, тој ми рече мене итн. Сега разбираме од големите дипломати дека воопшто не требало да прифатиме да влеземе во ОН со привремената референца ПЈР Македонија, туку требало да се вратиме од Њујорк со празни куфери и до денеска да расправаме во ничија земја со кое име да станеме членка на ОН, бидејќи ОН не можеле толку долго да издржат без да ни го прифатат уставното име.
Си дрндаат луѓето користејќи ги благодатите на денешната медиумска слобода, а до вчера уста не отвораа за трагичните грешки во кои и лично учествуваа и ги создаваа, грешки кои ѝ нанесоа најголема деградација на Македонија во преговарачкиот процес. Такви луѓе кои сносат морална и кривична одговорност за ситуацијата во која се најде Македонија денес држат лекции за правата и правдата за грешките на други, раскажуваат што би било кога не би било и притоа најмногу лажат за својата улога.
Академиците ми се најинтересни. Мудреците од алејата на бесмртните ги вадат од правливите фиоки своите декларации и резолуции, своите истражувања и укажувања, своите беседи и говори, лингвистите со несоборливи научни аргументи ја докажуваат посебноста на македонскиот јазик, историчарите ги прават достапни на пошироката јавност своите научни откритија, писателите, се разбира, имаат секогаш силни аргументи во своите дела… Сѐ е тоа точно и изгледа како мелем на лута рана. Но, никој, или ретко кој од нив кажува што да се прави како да се реши проблемот. Сите се за членство во ЕУ и во НАТО со уставното име. Сите како и мнозинството граѓани на Македонија на Запад ја гледаат иднината на Македонија. Некои од нив се за прекинување на преговорите со Грција. Повеќето од нов се против прекинување на преговорите, ама да се задржи уставното име и да не се смени уставот. Бараат референдумско изјаснување. Никој од нив не дава ни една стручна и издржана проценка што ќе се случи ако нема решение бидејќи ако двете страни одлучуваат сами според определбите на мнозинството граѓани во Македонија и во Грција прифатливо и одржливо решение не е можно. Во тој случај може ли да се измери научно и стручно, политички и економски колку и што ќе загуби Грција, а колку и што ќе загуби Македонија. Можно ли е во Македонија мегданот од историската неправда да се пресели на расправа за иднината на државата и на граѓаните и идните генерации.
Како што разбрав од изјавите на Коѕиас и на Димитров, двете страни најлесно се договориле за иднината на Македонија. Ако е така, ајде да видиме каква е таа иднина. Исплатлива ли е или е поарно да си останеме такви какви што сме. Ако останеме таму кај што сме, ќе имаме ли воопшто иднина и каква ќе биде ако имаме. Историјата кажува дека најдобро е кога друг одлучува за нас. Многу сме раат кога друг е виновен ако не е добро завршена работата, имаме кого да псуеме и да му се лутиме. Ако, пак, биде на арно, знаеме лесно да си ги припишеме заслугите. Во овој случај таа улога на виновници најдобро е да ја преземат Обединетите нации. Тие ќе бидат виновни за географската додавка, а ние заслужни за членството во ЕУ и во НАТО. ОН не расправаат за идентитети, а јазикот е веќе одамна признат и запишан во документите на светската организација.