Игор Југ ја бранел Македонија во Собранието


Игор Југ, еден од обвинетите за упадот во Собранието што се случи лани на 27 април, кој во судницата рече дека по националност е Хрват, влегол во Собранието за да го одбрани достоинството на Македонија.
Неговиот адвокат Сашо Јанев вчера во судот во воведен говор го цитираше неговиот клиент кој му рекол дека не би можел да се погледне во огледало ако тој ден не се приклучел на масата од илјадници бранители на уставниот поредок на Република Македонија.
„Протестирав секој ден, 65 дена. Влеговме со намера да спречиме пуч, да спречиме неуставен избор на претседател на Собрание. Влегов зашто се пееше химна на странска држава во законодавниот дом, со намера да го спречиме тоа и да ги одбраниме Уставот и достоинството на државата. Срамота е маж од 120 килограми кој себеси се смета за патриот да стои и да гледа како баби и дедовци од 70 години влегуваат да го одбранат Уставот на државата“, му рекол Југ на својот адвокат.
Обвинителството го товари Југ дека во Собранието сакал да го ликвидира сегашниот премиер Зоран Заев, но неговиот адвокат ова обвинување го нарече празни зборови.
Адвокатите на режисерот Борис Дамовски, Богдан Илиевски и Владо Јовановски порачаа дека против нивните клиенти се врши политички прогон.
Адвокатот на Дамовски, кој беше еден од лидерите на движењето „За заедничка Македонија“, рече дека е уверен оти неговиот клиент ќе добие ослободителна пресуда бидејќи тој само држел говор пред Собранието.
„На Обвинителството ќе му треба повеќе среќа отколку стручност во делот на докажување на обвинението за Борис Дамовски. Тој се обвинува за едно дејствие, дека држел говор за неговата земја, за неговата татковина. Она што го претставува обвинението е спротивно на креативниот и творечкиот опис на мојот клиент“, рече адвокатот Рубин Двојаков.
Адвокатот на Богдан Илиевски, Сања Алексиќ, нагласи дека нејзиниот клиент само ги остварувал правата пропишани со Уставот, додека адвокатот на актерот Владо Јовановски, Ставре Џиков, потенцира дека станува збор за политичко обвинение.
„На Обвинителството му требаа 6 месеци да ги препознае овие терористи и да тргне во политички прогон. Обвинението не е составено во Обвинителството, туку во други простории од други личности. Се наоѓаме пред суд и судски совет од друго време“, рече Џиков.
Оливер Вуксановиќ, адвокатот на обвинетиот предводник на група за крвавиот четврток Александар Василевски-Нинџа, во воведниот говор за судењето рече дека одбраната ќе докаже оти некои од обвинетите воопшто не го познавале Нинџа, а не, пак, да му ги слушаат наредбите. Како сведок во случајот го предложил Благоја Василевски, брат на обвинетиот и телохранител на поранешниот премиер Никола Груевски, кој според обвинението му се јавил на Нинџа за да го организира упадот.
За крвавиот четврток 33 лица се на обвинителна клупа, но Обвинителството сè уште нема поднесено обвинение против нарачателите на упадот во кој настрадаа пратеници и новинари.
Адвокат го остави клиентот и си замина од судница
Адвокатот Тони Менкиновски, кој го бранеше обвинетиот Горанчо Ангеловски, ја напушти судницата и го повлече полномошното бидејќи судот не му давал доволно време да ја подготви одбраната на неговиот клиент.
Судијката Добрила Кацарска, која го суди предметот за насилството во Собранието на 27 април 2017 година, даде еден час пауза за да му се обезбеди адвокат по службена должност на обвинетиот. Менкиновски на судијката ѝ рече дека за ова ќе го информира комесарот за човекови права при Советот на Европа бидејќи немал време за подготовка на ефективна одбрана за неговиот клиент.
Според Менкиновски, подготовката на воведниот говор било невозможна мисија од причина што полномошното го добил еден ден пред судењето од страна на сопругата на Менкиновски.
Откако адвокатот го напушти судењето, судијката Кацарска рече дека не може со закани до судот да се влијае на неговата работа. Таа образложи дека обвинетиот имал ангажиран бранител, адвокатот Александар Огненовски, но на 20 јули годинава адвокатот го известил судот дека му го откажува полномошното на Ангеловски. Кацарска веднаш го известила обвинетиот дека има можност да избере нов бранител, но откако не добила повратен одговор, му назначила бранител по службена должност.
Фросина Факова-Серафиновиќ