Игор Југ до судијката Кацарска: Осуди ме ако сакаш и на 100 години затвор


Обвинетиот Игор Југ вербално го нападна заменик-министерот за внатрешни работи Агим Нухиу и на судијката Добрила Кацарска ѝ порача дека може да го осуди ако сака и на сто години затвор. Игор Југ во судот гласно извикувал каде е српскиот разузнавач Живаљевиќ и дека им се суди на 33 Македонци, додека странски разузнавач се шетал по Собранието, објави „Телма“. Обвинетиот Јане Ченто, пак, изјавил дека токму Нухиу е првиот што треба да сноси одговорност.

Инаку денеска во судот сведочеше заменик-министерот Нухиу кој кажа што се случувало на 27 април.

До 20 часот вечерта, Чавков не му се јавувал. Кога дошол во штабот се однесувал агресивно. Запрашан што се случува, одговорил: „Што мислиш ти, што се случува? Народ се случува“, му рекол Чавков на Нухиу.

„Тој ден бев службено во Куманово, а попладне се вратив дома во Слатино. Пред 18 часот на телефон ми се јави заменик директорот на БЈБ и ме праша дали следам што се случува во Собранието. Веднаш потоа му пуштив порака на Чавков и тоа во 17.58 часот со следнава содржина: ‘Директоре, дали ги следите дебатите во Собранието? Има ли можност да ескалира ситуацијата?’. Во 18.03 часот добив одговор: ‘Нема можност, засега се е под контрола’. По една минута добив нова порака: ‘Надвор нема проблеми’, му одговорил Чавков на Нухиу.

Тој, како што рече, во 19.25 часот стигнал во оперативниот штаб каде што на дежурниот на штабот, Душко Лазаров, му рекол да даде наредба за евакуација.

„Тој излегуваше и комуницираше, ама не знам со кого. Го прашував за планот на оперативниот штаб, но според моја лична оценка имаше резерва кога ги барав плановите и кога барав мерки за евакуација“, сведочеше Нухиу.