Игор Јосифов на Биеналето во Ташкент: Влегов во 20. финалисти од 160 уметници од светот


Македонскиот уметник Игор Јосифов со два свои уметнички проекти се претстави на годинешното осмо издание на Биеналето на уметноста во Ташкент, Узбекистан.

Со неговиот перформанс „Fire Within“ тој настапи за време на свеченото отворање на биеналето во Националната галерија на уметностите на Узбекистан, а ја презентираше и неговата нова инсталација на стаклени скулптури наречени „Becoming Clear | Crushing Glass“ во Државниот музеј на уметностите на Узбекистан.

Биенале во Ташкент е меѓународен настан со уметници поканети од целиот свет и се одржуваше во шест изложбени павилјони во Ташкент и Бухара. Темата на Биеналето годинава беше „Уметност и нови технологии, предности и недостатоци“.

– Од првиот ден од креативниот проект бевме сведоци на практичното внимание дадено во Узбекистан за развојот на визуелната уметност, слободната креативност на уметниците, проширувањето на редовите на креативни млади луѓе, создавање на сите неопходни можности за нив. Во оваа меѓународна изложба учествував со мојата работа посветена на зачувување на човечкиот духовен изглед и човештвото во контекст на глобализацијата – вели Јосифов за искуството во Ташкент.

За него, учеството на оваа меѓународна изложба е незаборавно искуство, прославувајќи ги светските култури преку современа уметност.
– Имав чест да бидам дел од него и што е најважно ова беше фантастишно потрошено време со многу талентирани уметници од целиот свет – вели Игор.

Тој беше одбран како еден од десетте уметници кои на ова Биенале ги поддржа Европскиот културен центар.
На Биеналето во Ташкент, вкупно учествуваа 160 уметници од целиот свет, а Јосифов беше одбран меѓу најдобрите 20. Првото место го зеде младата уметница Нуридина Расулова од Узбекистан за нејзиното дело „Вредноста на времето“.