Ивона Талевска тргната од ТВ-екраните


Пресудата за затајување данок, условната затворска казна и уште повеќе самото признание за стореното кривично дело на новинарката Ивона Талевска, ја растресоа фелата. Лицето на „Сител“, кое со години го креираше јавното мислење во полза на поранешната владејачка гарнитура, со недели го нема пред ТВ-екраните, но прашањето што се поставува е дали лице што е осудено за тешко кривично дело може да известува за јавни настани во кои се бара осуда за криминал, да креира јавно мислење што е добро, а што не е, и во крајна улога да биде уредник на вести и на медиум, кој треба да биде коректив на лошите политики и одлуки во сите сфери на општеството.

Медиумските работници се сложни дека пресудата не е правосилна, имајќи предвид дека и двете страни имаат право на жалба. Но јасно е дека самата Талевска го призна делото и се покаја, а нејзиниот адвокат побара судот да ги цени олеснителните околности и да пресуди поблага казна, што на крајот и се случи. Од друга страна, таа е вработена во приватна телевизија која, сепак, има национална лиценца дадена од државна институција и барем поради тоа има одговорност кон гледачите.

Ивона Талевска вчера не се јавуваше на мобилниот телефон ниту, пак, одговараше на пораките со прашањето: Дали планира да продолжи со новинарската кариера, односно дали останува на функцијата заменик-главен уредник во ТВ „Сител“?

Од телевизијата не успеавме да добиеме официјален став во врска со случајот со Талевска, но неофицијално коментираат дека таа одамна е тргната од ТВ-екраните и воопшто не учествува во уредувачката политика на медиумот.

Тоа ни беше најважно, да ја тргнеме од екраните“, тврдат во телевизијата.

Вработени во „Сител“ велат дека Талевска секој ден доаѓа на работа, но оти се повлекува во својата канцеларија која ја дели со Драган Павловиќ-Латас кој, пак, не се појавувал на работа поради здравствени проблеми во семејството. Таа и натаму е вработена во телевизијата, но не учествува во секојдневните обврски на работниот колегиум.

Претседателот на Здружението на новинари на Македонија, Насер Селмани, вели дека се поставува прашањето каков е интересот на сопственикот на медиумот во своите редови да има таков новинар и тоа, всушност, покажува оти сопствениците на медиумите не се заинтересирани да вработуваат професионалци и да создаваат сериозна содржина.

Очигледно е дека најголем дел од влијателните медиуми ги регрутираат новинарите со вакви темни работи. Конкретно во случајот, станува збор за приватен медиум, но интересно е како и по ваква пресуда сопственикот има интерес да задржи таков новинар на работа кога на пазарот има голем број вистински професионалци што се без работа. Сето тоа покажува колку медиумскиот бизнис навистина е медиумски бизнис, а колку медиумите им служат на газдите како инструмент за заштита на бизнисот“, ни изјави Селмани.

Од Советот за етика во медиумите велат дека не ги оценуваат новинарите и медиумските работници, туку резултатот од нивната работа, односно дали се води сметка за почитување на Кодексот на новинарите и етичките стандарди во известувањето.

Членот 16 од Кодексот укажува дека новинарот ќе го чува угледот и достоинството на својата професија. Исто така, неспорно е дека јавноста и граѓаните се тие што судат и оценуваат како новинарите и медиумите ги завршиле своите професионални обврски и каков е нивниот кредибилитет“, потенцираат од Советот за етика во медиумите.

Од Македонската асоцијација на новинарите (МАН), која важеше за пандан на ЗНМ во време на владеењето на поранешната власт, и во која Талевска беше претседавач на извршниот одбор, вчера никој не сакаше да коментира со образложение дека асоцијацијата повеќе не е активна и оти функциите престанале да важат.

Во Кодексот на новинарите главно се опишуваат „правилата за игра“, но во точка број 5 се наведува дека новинарите се должни да ги почитуваат законите во државата.

Ивона Талевска во понеделникот беше осудена на две години затворска казна за случајот „Тифани“, кои нема да ги издржи доколку во следните четири години не стори друго кривично дело. Беше обвинета дека избегнала плаќање данок во висина од над 50.000 евра, кои, според пресудата, ќе треба да ги врати во буџетот на РМ. Судијката Софија Лаличиќ рече дека условната казна е одредена поради примерното поведение на обвинетата и фактот што досега не сторила кривично дело. Пресудата предизвика лавина реакции во јавноста. „За судот денес било прочка“, беше еден од коментарите на Твитер, а во друг карикирано се предлагаше Македонија да стане „Република Условна Македонија“ бидејќи вака не се прават реформи.

Горан Адамовски