Ивона Талевска вратила над 27.000 евра на државна сметка


Новинарката на „Сител“ , Ивона Талевска, на државна сметка ја уплатила целата сума од пресудата која ѝ ја изрече судот во предметот „Тифани“ во кој е обвинета за даночно затајување „Тифани“, а судот и го вратил пасошот кој и бил одземен како дел од мерките за претпазливост.

Талевска, според пресудата, како физичко лице вратила над 27 илјади евра за затаен данок од 6 години, уплатила 76 илјади денари за вештачењето на СЈО, 1000 евра како споредна штета, 2000 денари судски трошоци…

„Обвинетото физичко лице во предметот за кој се интересирате во целост ги има платено сите трошоци и утврдената сума во пресудата. Што се однесува до правното лице, извршувањето ќе се спроведе штом тоа ќе ја прими второстепената пресуда“, изјавиле од судот за Макфакс.

На 20 февруари годинава, Кривичниот суд ја осуди Талевска со условна казна затвор од две години доколку во следните четири години не го повтори делото даночно затајување.

Со одлуката на судот Талевска во рок од еден месец треба да плати казна во висина од 1.000 евра, делот за трошоците за вештачењето, а во период од една година треба да го надомести затаениот данок, односно сумата што СЈО ја прецизираше во обвиненителниот акт.

Талевска како управителка на друштвото за консалтинг „Смарт ДООЕЛ“ и на „Смарт груп ДООЕЛ Скопје“ шест години не платила даноци, а во завршните сметки давала лажни податоци, при што затаила 2,3 милиони денари.