Иванов ќе се рекламира на билборди


Кабинетот на Претседателот Ѓорѓе Иванов бара да закупи билборди низ Скопје за да го рекламира претстојниот состанок на лидерите на земјите учеснички на Процесот Брдо-Бриони којшто ќе се одржи на 28 април. Од Кабинетот бараат да закупат девет билборди за кој процениле дека ќе платат околу 5.000 евра. Сакаат рекламите да ги постават на четири билборди во Центар, на три во Карпош, а планирано е состанокот да се рекламира и на по еден билборд поставен на влезот во Скопје и на автопатот помеѓу аеродромот „Александар Велики“ кон Скопје.

„Со цел информирање на јавноста за претстојниот состанок на лидерите на земјите учеснички на Процесот Брдо-Бриони, којшто ќе се одржи на 28 април 2018 година, во Скопје, Република Македонија, Кабинетот на Претседателот на Република Македонија има потреба од закуп на рекламни билборди на територијата на град Скопје. Билбордите кои треба да бидат закупени, треба да бидат поставени на видни и фрекфентни улици и/или крстосници и да овозможуваат непречен преглед на информативно рекламната содржина“, стои во објавениот оглас од претседателскиот кабинет.

Во него е наведено дека понудувачот е должен да ги испечати информативно-рекламните билборди со соодветен колор дизајн во соработка и со одобрение од страна на Кабинетот на Претседателот и да ги постави билбордите на утврдените локации во зададениот рок. Оттаму наведуваат дека осветлувањето и поставеноста на билбордите треба да се од типот беклајт или мегалајт (со лед внатрешно осветлување). (Д.Т.Д.)