Иванов утре ќе се обрати на Генералното собрание на ОН


Претседателот Ѓорге Иванов утре ќе се обрати на 73. Генерално собрание на Обединетите нации кое годинава се одржува на тема „Да ги направиме Обединетите нации релевантни за сите. Глобално лидерство и заедничка одговорност за мирни, рамноправни и одржливи општества.

Иванов, како што соопшти неговиот Кабинет, вчера присуствувал на отворањето на генералната дебата на Генералното собрание на ОН и остварил билатерални средби со јорданскиот крал Абдула Втори, со Владимир Воронков, заменик-генерален секретар на ОН задолжен за контра-тероризам и со надбискуп Пол Ричард Галагер, секретар за надворешни работи на Ватикан.

На средбата со јорданскиот крал Абдула Втори биле разменети мислења за билатералните односи при што заемно е констатирано дека двете земји негуваат пријателски и партнерски односи, без отворени прашања. Иванов посочил дека Македонија има интерес за унапредување на билатералните контакти со средби на повисоко ниво и за интензивирање на економската соработка и проширување на обемот на трговска размена при што заеднички е констатирано дека за ова е потребна институционална поддршка од двете држави.

На средбата со потсекретарот Воронков биле разменети мислења за улогата на Македонија во борбата против меѓународниот тероризам и постојаните и директни закани од терористичките мрежи. Иванов истакнал дека Македонија ина интерес за учество на цивилен и воен персонал во телата на Обединетите Нации кои креираат политики за справување со глобалните закани. Потсекретарот Воронков се заблагодарил за придонесот на Македонија во сеопфатната стратегија за борба против тероризмот и борбата против насилниот екстремизам, потенцирајќи дека во нареден период ќе предложи соодветен пакет за институционално зајакнување на државите од Балканот и учество во проекти за поголема безбедност. бак/

Со надбискупот Галагер било разговарано за билатералните односи меѓу Македонија и Светиот Престол и притоа бил поздравен фактот дека, иако католичката заедница во Македонија е бројно помала, сепак е високо почитувана. Иванов изразил надеж дека папата Франциск ќе ја прифати поканата и ќе ја посети Македонија, што би било од значење за унапредувањето на билатералните односи.