Иванов потпали „востание“ против Владата: Најсрамна прослава за најголемиот празник


 
Полицијата идентификувала десетина учесници во инцидентот на Мечкин Камен за прославата на 115-годишнината од Илинденското востание и тие се повикани на распит. Од МВР, во соработка со Обвинителството, продолжуваат со расчистување на случаите на говор на омраза за време на манифестацијата, а според најавите ќе се испитува и дали има пропусти во безбедносните проценки.
Со оглед на ваквите информации од надлежните институции, голема е веројатноста дека ќе бидат расчистени срамните настани од овој 2 август. Но, во колективната меморија ќе останат темните политички дамки од годинешнава прослава на еден од најголемите државни празници. Ќе остане запаметено дека последниот илинденски говор на Ѓорѓе Иванов како претседател на државата и неговата запалива реторика ја запалија и толпата на Мечкин Камен која потоа го почна својот крајно нецивилизиран поход против дел од присутните – исвиркувајќи ги странските дипломати и владините претставници и фрлајќи по нив пластични шишиња и други предмети, истовремено извикувајќи националистичко-шовинстички пароли.
Наспроти прочуениот Крушевски манифест, кој уште пред 115 години повикувал на сплотеност во борбата на сите обесправени во Македонија, годинешнава прослава на Илинден ги отслика длабоките поделби во македонската политика во предвечерието на референдумот за договорот за името и за членството на државата во НАТО и во ЕУ. Затоа и одбележувањето на големиот празник се сведе на две паралелни и, всушност, идеолошко спротивставени чествувања – едното во Пелинце, каде што говореше премиерот Зоран Заев, а другото на Мечкин Камен, каде што претседателот Иванов беше дочекан со аплауз, а владините претставници и странските гости беа шиканирани. Додека Заев повикуваше во Пелинце на масовна излезеност на референдумот на 30 септември и на одговор „да“ за идните генерации и за иднината на Македонија, Иванов од Крушево испрати пораки за наводни обиди за редефинирање и за разнебитување на државата. Со тоа, празнувањето на овој Илинден, всушност, ја исфрли на површина сета нетрпеливост во државниот врв и различните сфаќања за стратегиските приоритети на државата.

За само една година драматично се смени атмосферата на централната прослава на Илинден, иако и лани прославата се случуваше во „залезот“ на политичката криза во земјава. Во својот прв илинденски говор како претседател на парламентот, Талат Џафери, минатата година, зборуваше во Крушево за потребата од соживот и за сплотеност околу заедничкиот сон – интеграцијата во НАТО и во ЕУ. Годинава, пак, Иванов во своето последно илинденско обраќање како татко на нацијата ја обвини Владата за славољубие и за тргување со името. Потоа, Иванов изрази жалење за инцидентот што се случи за време на неговото излагање, но нагласи дека не чувствува одговорност за тоа. Така, наспроти настапите на Заев и на Џафери во Пелинце и пред споменикот на Методија Андонов-Ченто во Скопје, кои го промовираа договорот од Преспа како „билет“ за членство на Македонија во евроатлантските интеграции, Иванов во Крушево и Христијан Мицкоски во Струшко излегоа со ставови според кои затворањето на долгогодишниот проблем за името значи капитулација на земјава.
Според СДСМ, настапот на Иванов е уште еден доказ дека претседателот се води од лични и теснопартиски, а не од интересите на граѓаните и државата.
„Додека целиот државен врв одлучно порача да тргнеме кон иднината, само Иванов повика да останеме заглавени во минатото на омраза, поделби, криминал и неказнивост. Додека граѓаните ги славеа заедништвото и сплотеноста, Иванов разгоруваше и поттикнуваше меѓуверска и меѓунационална омраза, како што тоа го прави со години. Со тоа Иванов ги погази вредностите на Илинденското востание и на заседанието на АСНОМ“, оцени вчера пратеникот на СДСМ, Костадин Костадинов.

 
Според него, однесувањето на Иванов е антидржавно и тој покажал дека не достоен за функцијата што ја извршува.
„Граѓаните и политичките партии кои се навистина за ЕУ и НАТО, се обединија и избираат иднина наместо небиднина. Иванов останува изолиран во своето антидржавно однесување, заглавен во минатото на криминал и неизвесност. Иванов останува на темната страна од македонската историја“, вели Костадинов.
Од кабинетот на Иванов, пак, реагираа со соопштение отфрлајќи ги, како што е наведено, тврдењата на Костадинов и оценувајќи ги како големи лаги и манипулација со цел да се дефокусира јавноста.
„Јасно и очекувано е дека политичката партија СДСМ, преку вакви манипулации, се обидува да изврши притисок врз претседателот Иванов поради неговите политики и цврсти ставови во одбрана на достоинството на македонскиот народ и граѓаните на Македонија, а во врска со неприфаќањето на штетниот грчки договор“, пишува во реакцијата на кабинетот на Иванов.
Од кабинетот посочуваат дека македонскиот народ во четвртокот точно покажал какво е неговото размислување во однос на, како што пишува, погубната политика што ја води оваа власт за Македонија.
– Вистината боли, дотолку повеќе што раководството на СДСМ е свесно за предавството што му го нуди на македонскиот народ. Претседателот Иванов никогаш не поттикнал меѓуверска и меѓунационална омраза. Напротив, заедништвото и сплотеноста кои со децении се градени сега се доведуваат во опасност токму поради штетните политики и одлуки на оваа власт. За тоа дали претседателот Иванов е достоен за функцијата што ја извршува, не се прашуваат политичките партии, туку граѓаните што го избрале и кои го покажаа својот став на чествувањето на Илинден“, се истакнува во соопштението претседателскиот кабинет. (А.М.М.)