Иванов и Заев согласни дека НБРМ не смее да се остави без гувернер


Народната банка на Република Македонија не смее да се остави без гувернер, бидејќи тоа би имало негативни импликации врз економијата на државата, се согласиле претседателот Ѓорге Иванов и премиерот Зоран Заев на денешната средба во вила Водно која се одржа на барање на премиерот, а на која се разговараше за предлогот на Иванов за нов гувернер на НБРМ.

Од кабинетот на претседателот информираа дека Иванов како и на претходната средба одржана на 26 март оваа година, на премиерот Заев му ги образложил ставовите и аргументите зошто смета дека Димитар Богов најодговорно ќе ја извршува оваа значајна функција во Република Македонија и потсетил на тогашната негова намера, дека доколку  Богов даде согласност за негова повторна кандидатура, тој ќе биде предлогот на претседателот.

На средбата, стои во соопштението, е потврдено дека откако актуелниот гувернер Димитар Богов дал согласност,  на 25 април остварил средба со премиерот Заев на која му ја искажал согласноста за одлуката на македонскиот претседател за негова повторна кандидатура.

Иванов пред да ја донесе одлуката за предлог на гувернер, во текот на февруари и март оваа година извршил консултации со Сојузот на стопански комори, со Стопанската комора на Македонија, со Здружението на банкарството, со МАНУ и со други институции и поединци од оваа област, и на сите средби било утврдено дека  Димитар Богов е најдоброто решение за гувернер. По сите тие консултации, а имајќи ги предвид досегашните успешни резултати во работењето на Народната банка на Република Македонија и врз основа на долгогодишното искуство во оваа област, Иванов смета дека Димитар Богов е најквалитетна, најпрофесионална и најсоодветна личност за извршување на оваа функција и затоа го предложи за втор мандат на функцијата гувернер, наведуваат од кабинетот на претседателот на РМ.

На денешната средба, претседателот Иванов го запозна премиерот Заев дека пред да ја донесе одлуката, остварил и средби со други потенцијални кандидати за гувернерското место.

– И на тие средби, не беше посочена ниту една забелешка за работата на актуелниот гувернер, ниту за работата на НБРМ. Напротив, сите соговорници го потврдија ставот дека Богов е најдоброто решение, кое е потврдено и во извештaите на Европската комисија, велат од кабинетот на Иванов.

На средбата се разговарало и за законската регулатива за именување на гувернер. Констатирано е дека согласно член 49 од Закон за Народната банка на Република Македонија, гувернерот го именува Собранието на Република Македонија, на предлог на претседателот на Република Македонија.

Премиерот Заев завчера на новинарско прашање изјави дека НБРМ е сериозна институција и верува дека по пат на кохабитација и дијалог кој го имаат ќе се изнајде решение. – Правото е апсолутно на претседателот да предложи, но правото е и на парламентарното мнозинство да избере гувернер, изјави Заев.

Оваа институција, дополни, мора да биде професионална. – Разговараме за експертски решенија, не за партиски решенија, кои што и понатаму би ја чувале монетарната политика стабилна, затоа што и нас како Влада тоа ни е од голема важност за да можеме да ги креираме другите економски политики, наведе Заев.

Претседателот Иванов на 27 април 2018 година ја исполни својата законска обврска и предлогот го достави до Собранието на Република Македонија. Претседателот Ѓорге Иванов, повторно го предложи Димитар Богов за гувернер на Народна Банка на Република Македонија.