Иванов ги вратил и реформските закони донесени со консензус


Во парламентот синоќа, според информации оттаму, во последните часови од рокот за потпишување укази за прогласување закони, биле вратени три реформски закони подготвени од Министерството за правда, што беа изгласани со консензус минатата седмица, затоа што за нивно донесување е потребно двотретинско мнозинство. Станува збор за законите за судови, за управни спорови и за прекршоци, за кои гласаа пратеници и од власта и од опозицијата, а беа обележани со европско знаме.
Според член 75 од Уставот, претседателот може да одлучи да не го потпише указот за прогласување закон. Собранието повторно го разгледува законот и, доколку го усвои со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, претседателот е должен да го потпише указот. Претседателот е должен да го потпише указот, доколку, според Уставот, законот се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.
Со оглед на тоа што Иванов, практично, нема право на вето на двотретински закони, прашање е дали овие три закони од областа на правосудството воопшто ќе бидат ставени на повторно гласање или ќе бидат објавени во „Службен весник“ без потписот на Иванов.
Тој, практично, ги вратил, без негов потпис, во парламентот сите закони што се донесени по 27 февруари годинава. Покрај последните три, вратени се уште 11 закони, меѓу кои е и една билатерална спогодба за соработка – меѓу Македонија и Романија. Веројатно вето ќе добие и Законот за заштита од дискриминација што беше донесен вчера, исто така со европско знаме.
Нема официјално образложение зошто Иванов ги враќа законите, односно дали причина за тоа е што на нив стои новото име на државата. Единственото објаснување е дека во извршувањето на функцијата секогаш постапувал согласно со дадената свечена изјава дека ќе го штити Уставот.