Ивана Кнез за „Независен“: Кина ме научи на баланс


Кина е новото модно и животно откровение на македонската модна дизајнерка Ивана Кнез (33) , која секогаш нè изненадува со уникатни колекции и модни претставувања. Вели, отсекогаш повеќе ја влечел Истокот од Западот.

Зошто Кина?

– Кина е центарот на светот, колку ние и да го спориме тоа. Светот е мирен додека Кина спие, јас можам само да ви кажам дека Кина е одамна будна и полека и сигурно нè владее во сите сфери. Шангај, Хонг Конг и помали градови, но главно градови што се индустриски и цивилизациски центри. Сакам развој, сакам напредок, сакам движење, духот ми умира во мочурливи еднолични места. Ми остана Јапонија, ама мислам дека ако отидам нема веќе да се вратам, ми се промени цел живот откако видов како тој дел од светот функционира и живее – вели Кнез.

Во Кина оди службено, работи како аутсорс-дизајнер.

– Веќе шест пати ја посетив Кина, најчесто останувам половина месец. Првиот пат ми беше најголемиот шок, страшна разлика на култура и цивилизации. Мене лично ми изигра огромна улога и ми го промени начинот на перцепција и живот. Јас имав личен проблем на пронаоѓање баланс и однос кон личен развој. Тоа е нешто што недостига на ова поднебје, никој не работи на себе. Во Кина ме научија како да го ценам и да го почитувам тоа што ми е дадено. Однос кон луѓе што ги запознаваш првпат, однос кон храна, однос кон сопственото тело, однос кон слободното но и работното време. Принципи и стандарди. И значењето на работата, колку луѓето таму работат и како. Се работи во три смени, постојано нешто се гради, ништо никому не му е тешко. Првиот пат кога бев луѓето шетаа со маски поради нивото на честички во воздухот. Претседателот донесува одлука да се промени целата структура на фабрики, на однос кон рециклирање, и по една година нема веќе потреба од маски – раскажува Ивана.

Како ја доживеа модата во Кина?

– Технологијата е за распаметување, ние не сме ни свесни каде и како се развива тој дел во светот. Напоредно со тоа и модата. Сè што поседувате во моментов е направено во Кина. Но не на лош начин, како што важеше порано, дека е фуш. Напротив, постои категоризација на производство на брендови. Сите светски брендови во моментов имаат нивни претставништва или фабрики таму. Количината на финансиски прилив кој влегува во таа земја нам ни е незамислив. Кина е скапа земја за живот и односот на државата кон луѓето е на сосема поинакво ниво. Мали и локални бизниси што се во развој добиваат максимална поддршка од структурата.

Колку шокот и шикот од Кина влијае и ќе влијае на твојата мода, односно на колекциите со твој потпис?

– Постојано, лани направив цела колекција инспирирана од технологијата која ја посведочив и Блејд Ранер. Следната година во план ми е да се посветам малку повеќе на нивната култура, но тоа не е мала работа, бара време, бара истражување и бара од тебе да си во чекор со нив, што е блиску до неизводливо.

 

Лејла Сабит    Фото: Приватна архива