ИБНА: Димитров и Коѕиас ќе се сретнат во Софија на 15 и 16 февруари


Министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕиас, ќе се сретнат во Софија на 15 и 16 феваруари, на маргините на неформалната средба на шефовите на дипломатиите на земјите од ЕУ и државите кандидати за членство, објави Независната Балканска новинска агенција – ИБНА. Се очекува Димитров и Коѕиас да разговараат за следните чекори во процесот за решавање на спорот за името меѓу двете земји.

Најавите за интензивирање на процесот за решавање на прашањето за името следуваат по последните изјави на Заев дека Скопје може да прифати географска одредница, како и на Владата во Атина дека останува активно ангажирана во процесот.Како што се дознава, грчкиот шеф на дипломатијата веќе најавил дека во текот  на фебруари ќе дојде и на средба во Скопје, за да биде прв што од Атина ќе слета на новоименуваниот аеродром „Скопје“.

Во владини кругови настојувањата се спорот да се реши што поскоро, ако е можно и до март, бидејќи секој следен месец не е од помош за преговарачкиот процес, со оглед на очекувањето најдоцна до април да се решава за враќање на нашата препорака. Притоа, не се очекува грчко вето за евентуалната одлука да почнат преговори со ЕУ, туку таа да биде „резервирана“ за приемот во НАТО, како поизвесен.  Се најавува притоа дека досега грчката и македонската страна само ги презентирале позициите и предлозите, и дека од идната недела ќе почнат вистинските приговори. Македонската позиција и натаму не се открива, освен пораките на премиерот деновиве кои сугерираат дека Македонија не сака менување на Уставот, преферира географска одредница и  да нема чепкање во идентитетот, при што се отфрла можноста името да не се преведува и да биде само на македонски, бидејќи се смета за апсурд.