Зукерберг ќе сведочи во Конгресот за злоупотребата на профили на Фејсбук


Основачот на Фејсбук, Марк Зукерберг, денеска и во среда лично ќе сведочи во Конгресот, првпат после скандалот со злоупотребата на податоци од „Кембриџ аналитика“, користени за политичка кампања во корост на претседателот Доналд Трамп. Во меѓувреме, за да ги задоволи регулаторите, социјалната мрежа вчера испрати известување до десетици милиони корисници чии лични податоци биле незаконски „жнеени“..

Зукерберг се соочува со најголемиот предизвик во својата кариера, која може неделава и да заврши доколку неговите искази за улогата на руската пропаганда во САД и кршењето на приватноста, кои непречено се одвиваа на неговата интернет платформа со години, се неубедливи за законодавците.

Во коментар за американските медиуми, Зукерберг, кој ретко дава изјави, укажа дека како основач, тој е најодговорен за кризата со заштитата на приватноста во САД.

– Направив голема грешка со пропустот да увидам дека социјалната мрежа носи голема одговорност во целиот свет, укажа тој.

Околу 87 милиони корисници вчера добија извесување дека информации од нивните профили биле незаконски искористени од страна на „Кембриџ аналитика“, британска фирма за анализа на податоци, во политички цели за време на претседателските избори во во САД во 2016 година.

Социјалната мрежа пред седум години потпиша согласност со американската Федерална комисија за трговија, за несподелување на личните податоци на корисниците без нивна дозвола.

Оттогаш беше очигледно дека во време на дигитализиција на приватноста на корисниците преку нивните активности на социјалноите мрежи, тое ветување беше невозможно да се одржи.

И додека Фејсбук се справува со голема криза на недоверба и намалување на вредноста на компанијата, законодавците во Вашингтон подготвуваат пакет на закони, слични на оние во многу земји членки на ЕУ, кои гарантираат неприкосновеност на личните податоци на корисниците на Интернет во САД.