Зошто Путин не е во Њујорк?


Русија, заедно со Кина, се единствените земји кои на 73-то заседание на Генералното собрание на ОН во Њујорк не ги претставува претседателот или премиерот, што го покрена прашањето зошто на овој собир не дојде шефот на руската држава Владимир Путин, наведува „Вечерње Новости“.

Москва соопшти дека уште на 24 август потпаролот на Путин, Дмитриј Песков најави дека претседателот на Русија не планира да патува во Њујорк.

Путин одредил на овогодинешната сесија да оди министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, кој има огромно искуство и е поранешен претставник на неговата земја во Советот за безбедност на ОН.

Веќе трета година по ред Путин апстинира од учество на заседание на Генералното собрание. Последен пат присуствуваше во 2015 година на јубилејното 70-то заседание на Генералното собрание на ОН, што беше признание за меѓународната организација во чие создавање учествуваше и СССР, кој како држава во меѓународната организација ја наследи Русија. Путин до сега бил на заседанија на Генералното собрание во 2000, 2003, 2005 и 2015 година, пишува весникот.

Путин не објаснуваше зошто не патува во Њујорк, но московските политиколози сметаат дека во сегашната атмосфера на меѓународни односи од ова патување не би имала никаква корист. Светот веќе добро ги знае ставовите на рускиот лидер, не само за главните меѓународни проблеми туку и за предлозите како да се решат тие. Работниот календар на Путин и онака е преполн, па патувања кои немаат голем ефект не се потребни.

Во меѓувреме, руската делегација имаше инцидент во Њујорк затоа што во подготовките за седницата на Советот за човекови права на ОН, претставниците на Секретаријатот не им дадоа да го користат зборот Крим. Шефот на руската работна група Александар Молоханов изјави дека би требало, според правилата, рефератите да се даваат порано и тогаш им било кажано дека во формулациите не можат да користат Крим, туку „Автономна Република Крим, Украина“. Претставници на Крим, кој сега и припаѓа на Русија, не сакале да ги послушаат чиновниците од Секретаријатот на ОН.

Александар Молохов вели дека сепак се нашол некој кој ги посоветувал чиновниците да се стивнат и руската делегација го изнесе својот став за човекови права на начин на кој планирала.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров се пошегува во Њујорк, кога претседателот на Украина по грешка влегол во собата на руската делегација на ОН. Порошенко одел на друг состанок, но ја промашил вратата и влегол во просторијата за преговори на руската делегација. Кога видел дека погрешил, Порошенко брзо излегол и ја затворил вратата. Лавров се пошегувал и рекол: „Веројатно тргнал во тоалет“.