Зошто во болница плаќа мајката кога лежи со мало дете?


Од трошоци за лежење во болница да биде ослободен и родителот што го придружува детето  кое се лекува во болнички услови. Ова е старо барање и треба повторно да се разгледа бидејќи уште не е решено, укажуваат граѓански здруженија, во име на родители на деца кои подолго време престојуваат во болница.

Сега, регулативата е дека ако детето е до три години и родителот го придружува, за родителот не се наплаќа. Но, за дете над три години кое во болница е заедно со родител, плаќа и родителот, и тоа по 800 денари од ден.

-Никоја мајка нема да остави мало дете само во болница. Не е само за медицинската грижа, некој треба да го теши детето, да го забавува, да го пресоблекува – вели И.М., мајка на дете кое неколкупати било хоспитализирано поради инфекции.

Таа додава дека видела родители кои се во очај кога на детето ќе му се продолжи престојот во болница. Така, наместо кон болното дете, грижата се насочува кон тоа како да се плати сметката. Во клиниките раскажуваат дека неретко имаат случаи кога пациенти, па и родител со дете, им бега без да плати.

-Сме имале безброј такви случаи, и на Детска клиника, и кај нас, и на други места. Родители што се социјални случаи сами сме ги ослободувале од надомест. Сме земале предвид дека детето сепак е болно и му треба родител до него. Сега, законот вели дека ако детето е три години и еден ден, родителот кој е во придружба мора да плати. Лично сметам дека таквата одредба треба да се смени, оти и на тие деца од 4, од 5, од 6 години, им треба мајка до нив – вели д-р Ангелчо Андоновски, директор на детската болница „Козле“.

Од организацијата „Живот со предизвици“ посочуваат дека ова е дамнешен проблем што треба да се реши.

-Како организација што застапува пациенти и семејства, важно е да кажеме дека престојот на родител-придружник во болница со мало дете треба да е целосно бесплатен или пак да се намалат важечките цени. Ниту една мајка не би оставила само дете освен ако нема избор. Се надеваме дека и за ова прашање ќе се најде соодветно решение – велат од „Живот со предизвици“.

Мерката за бесплатно болничко лекување за сите од 2019 година, која завчера ја најави премиерот Зоран Заев, со скептицизам се толкува во јавноста. Додека за едни е добра и го штити интересот на пациентите, за други е погубна за вкупниот здравствен систем. Од „Хелтгрупер“, организација за размена на информации од здравството, вчера соопштија дека  ваквата мерка може да резултира со сосема спротивни ефекти од тие што Владата ги очекува.

„Ќе се зголемат листите на чекање во државните болници, што ќе ги принуди пациентите да се лекуваат повеќе во приватното здравство. Од друга страна, пак, приватните болници ќе профитираат од предложената мерка. Зголемената побарувачка на услуги ќе отвори нови пазарни можности за приватниот сектор да ги зголеми цените на услугите што ги нуди. На тој начин, директниот резултат од укинувањето на партиципацијата, всушност, ќе се одрази врз џебот на граѓаните во наредните 12 до 24 месеци“, соопштија вчера од „Хелтгрупер“.

Според организацијата, партиципацијата е механизам кој има за цел да го ограничи прекумерното (и често непотребно) лекување во болниците. Таа мерка ја користат дури и најбогатите држави како што се Германија, Јапонија, САД. Според „Хелтгрупер“, кога ќе се укине партиципацијта, автоматски се очекува да се зголеми побарувањето на здравствените услуги, а тоа ќе се одрази врз снабдувањето со здравствени услуги. Новата ситуација ќе ги принуди „снабдувачите“, поточно болниците, да воведат нивни рестриктивни мерки во форма на продолжено време на чекање за лекување, од причини што нема да може да одговорат на зголемената побарувачка.

С.С.З.