Зоран Ангеловски најверојатно ќе биде директор на ОТА


Зоран Ангеловски дипломиран правник најверојатно ќе биде директор на ОТА, новата агенција која ги интегрира службите за безбедност и чие формирање прозилегува од реформските приоритети.

Како што дознава Независен весник, ваков договор постигнале пратеничките групи на мнозинството и на опозицијата. Со оглед на тоа што изборот на директор на ОТА е потребно двотренско мнозинство.

Ангеловски работел во Агенцијата за разузнавање во периодот од 1998 до 2005 година. Има работно искуство и во МВР, бил ангажиран и како инспектор во Град Скопје, а работел и во Телеком.

Ангеловски се очекува да помине на денешната седница на собраниската Комисија за избори и именување, а потоа треба да добие виза и од парламентот.

Според информациите на Независен весник, нема договор за директор на Државен завод за ревизија и пратеничките групи ќе одат со свои предлози за ова место. За овој избор на функција не е потребно двотретинско мнозинство.

Премиерот Зоран Заев денеска изјави дека не знае кој е новиот кандидат за директор на Агенцијата ОТА бидејќи тоа е работа на пратениците и оти за него е најважно да биде избран човек кој ќе биде професионалец и експерт.

– Им дадов само задача на пратеничката група бидејќи правеа консултации со мене да изнајдат професионално и експертско решение. Ме информираа дека е најдено решението. Ниту се интересирам, ниту ми треба да знам. Зошто? Затоа тоа е првиот исчекор дека сме научиле нешто од минатото, рече Заев, одговарајќи на новинарски прашања во Владата по потпишувањето на договори за финансиска поддршка за отворање бизнис- акцелератори за млади.

А.М.М.