ЗНМ: Измените на Изборниот законик директно влијаат врз работата на медиумите


Делегација на Здружението на новинарите на Македонија се сретна со претставници на Набљудувачката мисија на ОДИХР, со кои разговарале за измените на Изборниот законик и референдумот, а кои имаат директно влијание врз работата на медиумите.
Претседателот на ЗНМ, Насер Селмани истакнал дека власта и опозицијата го злоупотребуваат референдумот за да обезбедат финансирање на нивната политичка пропаганда за изборна кампања со јавни пари предизвикувајќи огромни штети врз слободата на медиумите и професионалното новинарство.
Селмани, како што информираат од ЗНМ, оценил дека законското решение ги враќа на голема врата владините кампањи од времето на режимот на Груевски, кога со јавни пари власта спроведуваше медиумски кампањи за наводните успеси во работата.
Нагласил дека плаќање на политичка пропаганда во медиумите со пари на граѓаните ќе ги зајакне коруптивните врски на медиумите со  партиите и ќе влијае на нивното известување за политичките процеси во земјата. Според него, меѓународната заедница треба да направи притисок врз власта по одржувањето на референдумот, овие измени да се избришат од Изборниот законик, се вели во соопштението од ЗНМ.
За Селмани апсолутно е неприфатливо владини претставници да прават политички и финансиски притисок врз Македонската радио телевизија во време кога декларативно се залагаат за реформа на јавниот сервис.
Директорот на ЗНМ, Драган Секуловски го критикувал однесувањето на Државна изборна комисија, која се обидува да преземе надлежности од Агенцијата за медиуми. Секуловски, смета дека ДИК не може да го оценува известувањето на онлајн медиуми за референдумот и да ги казнува за наводно незибалансирано известување.