ЗНМ: Иванов ги терал новинарите да потпишат сертификати за да молчат


Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) изрази загриженост поради тоа што според нивни информации кабинетот на претседателот на државата Ѓорге Иванов на одредени новинари им понудил безбедносни сертификати во име на поголема транспарентност на институцијата, оценувајќи го таквиот чекор како обид за притисок и контрола врз медиумите.

Како што истакна на денешната прес-конференција претседателот на ЗНМ Насер Селмани, најголем дел од новинарите што биле повикани, бланко го потпишале барањето без да имаат можност за правата и обврските на носителите на вакви сертификати.

– Доделувањето на вакви сертификати за новинари претставува притисок врз новинарската професија затоа што новинарите од стожери на јавниот интерес ги претвора во државни службеници. Ваквиот непромислен потег на Иванов ја загрозува слободата на медиумите и претставува обид за контрола затоа што поврзувањето на новинари со безбедносните служби дополнително ќе ја зајакне само цензурата во медиумите, рече Селмани.

Тој го повика Иванов да им нареди на своите советници да го запрат издавањето на безбедносните сертификати на новинари, а до колегите новинари веднаш да се откажат од ова барање оти се коси со етичкиот кодекс на новинарите.

Според Селмани, поголема транспарентност може да се постигне со почести контакти со новинарите и објавување на сите информации од јавен карактер со кои располага Кабинетот.

Реакцијата на ЗНМ следи откако, како што рече Селмани, неколку новинари од тие кои биле повикани во кабинетот на Иванов се обратиле за помош до ЗНМ. Здружението има сознанија во најголем дел за тоа кои се новинарите на кои им биле понудени безбедносни сертификати.

Безбедносниот сертификат ги обврзува новинарите кои ќе дојдат до одредена информација да не можат да ја објават иако е таа во спротивност со јавниот интерес.

(Фото: МЕТА)