Косово прогласи ден на жалост поради смртта на Џорџ Буш Постариот


Среда ќе биде ден на жалост во Косово поради смртта на поранешниот американски претседател Џорџ Буш Постариот, соопштија од кабинетот на Хашим Тачи.

САД во средата прогласија ден на жалост, а Хашим Тачи иницираше, „како знак на почит“, знамињата да се спуштат на половина копје на тој ден и во Косово.

Буш беше 41. претседател на САД помеѓу 1989 и 1993 година. Осум години подоцна, неговиот син Џорџ Буш Помладиот, стана 43. американски претседател. Во времето на Џорџ В. Буш, Косово прогласи независност.

Популарноста на Џорџ Буш Постариот порасна поради успехот на САД во Заливската војна во 1991 година. И покрај популарноста, која достигна рејтинг од 90 отсто меѓу граѓаните, тој беше критикуван поради занемарување на прашањата од внатрешната политика, а на изборите во 1992 година изгуби од Бил Клинтон.

Сопругата на Буш, Барбара, почина пред осум месеци, потсетува на АП. Во април тој беше примен во болница поради инфекција, една недела по смртта на неговата сопруга.