Злоделата на претседателот Иванов
Ерол Ризаов
Претседателот на државата Ѓорге Иванов сѐ уште е на таа функција под неразјаснети околности, најверојатно само затоа што надлежните институции и обвинителства, судски инстанци и Собранието не покренуваат постапки да се применат уставните одредби. Овој човек кој девет години е на чело на државата, по прилично сомнителни избори, по сите злодела што ги направи и натаму непречено ја упропастува државата и ја вознемирува јавноста секој ден со одлуки и закани за нарушување на интересите и угледот на Македонија. Ако не биде седнат на обвинителна клупа, ќе одговараат и тие што го толерираат и со тоа стануваат негови соучесници.
Во македонскиот устав има одредби што треба да се прави, кое чаре да се бара за непресметливо и недолично однесување на претседателот на државата и за негово ин флагранти попречување на правдата и владеење на правото. Не може да поминат неказнето во правна држава партиски штимуваните аболиции и пишман аболиции и помилувања за осомничени високи функционери и политичари збрани во злосторничка мисија против сопствените граѓани. Никогаш не застаруваат делата за кршење на човековите права и слободи, за повикување и подбуцнување да се изврши државен удар со кршење на Уставот и оневозможување на мнозинството да конституира Собрание и влада по веродостојни избори, при што како директна последица има крвопролевање и обиди за убиство на пратеници во законодавниот дом. Може ли да поминат неказнето одлуките на претседателот Иванов кои директно предизвикуваат подривање на општествениот поредок и попречување на иднината на Македонија и нејзините граѓани.
Претседателот на државата, ако профункционира владеењето на правото, ќе се соочи со сериозни обвиненија за кршење на Уставот со непотпишување на закони донесени во парламентот во демократска процедура со гласање „за“ по вторпат. Конечно, во конститутивниот закон има членови кои предвидуваат соодветни постапки кога претседателот не е при здрава памет и носи штетни одлуки, иако јавно признава пред ТВ-камери, дека не е информиран што се случува во земјата. Незнаењето на законите поради неинформираност на претседателот не го ослободува престапникот од одговорност ниту, пак, неговите соучесници.
Ѓорге Иванов со своите избрзани закани за ставање некакво вето, како кукавичко јајце снесено во неговиот кабинет со последици Македонија да не влезе во НАТО и во ЕУ, е последниот аларм за тревога која драматично предупредува дека се работи за медицински случај во кој болниот е под силен стрес и не ја разбира сопствената одговорност што значи Македонија да остане надвор од двата најголеми светски политички, економски и воени сојузи. Претседателот, преку неговиот кабинет, иако тврди дека не е информиран за преговорите со Грција, со своите закани за вето уште пред да ги добие сите информации од прва рака, неприлично за еден претседател на држава јавно се определи да пропаднат сите повеќедецениски напори за евроатлантските интеграции на Македонија. Барем да почекаше малку, можеби таа услуга по нивна вина ќе му ја направеа комшиите кои го наметнаа проблемот.
Во последните девет години претседателот Иванов има голем придонес за „украденото“ време од животот на граѓаните на Македонија, што е всушност нашиот најголем пораз. Досега, во постојани оправдувања залудно поминаа 27 години, со добри изгледи Иванов и неговите следбеници да ја продолжат агонијата за уште 27 години, или поточно, до конечното исчезнување на Македонија.
Вербалните заложби на Иванов за членство на Македонија во ЕУ и во НАТО, искажувани од позиција на претседател на нуклеарна велесила, изгледаа карикатурално и беа проследени со потсмев во политичките кабинети, дури и кај нашите пријатели и поддржувачи. Оваа политика на игнорирање на односите на силите и на интересите беше најчесто оквалификувана како: „Ем шуто, ем боде“. Крајниот резултат е очајнички гест претседателот Иванов да му ја исполни желбата на колегата, претседател на Грција Прокопис Павлопулос да пропаднат преговорите, а за тоа да бидат виновни скопјаните.
Не знам што му реферирал министерот за надворешни работи, Никола Димитров, на претседателот на државата, и дали му кажал уште нешто од она што се приопшти во јавноста. Но, без оглед на тоа, претседателот Иванов е должен јавно да одговори на суштинското прашање – колкава е одржливоста на Македонија како држава ако не влезе во НАТО и во ЕУ и каде ја гледа перспектива ако пропаднат преговорите поради неговите закани со ерга гомнес.
И што е уште поважно, претседателот Иванов треба да ѝ покаже на македонската јавност колкава е неговата одговорност ако ги попречува најзначајните стратегиски цели и приоритети на државата. Има ли овој човек, кој беше извлечен од ракав како џокер да стане претседател на државата, издржана проценка или анализа на Советот за безбедност со кој раководи, или предупредувања од разузнавачките служби што ќе се случува со Македонија ако сите комшии стасаат на целта, а ние останеме изолирани. Не треба многу аналитички ум за да се заклучи дека по бугарските 200.000 пасоши, односно бугарски државјанства, ќе уследат уште најмалку толку албански и српски државјанства. Тоа никој не може да го спречи ако не се остварат најзначајните стратегиски интереси на државата. Ако тоа не го знае претседателот, треба тоа да му го кажат надлежните институции кои се под негова надлежност и одговорност. Ако и тоа не помага треба да дознае во истрагата против него, која прво треба да се покрене во парламентот, а потоа и во надлежниот суд.
Чудно што претседателот Иванов една година пред крајот на својот мандат по девет години партиски активизам и пропаганда со ниту еден збор, дури ни со најмал обид а биде претседател на сите граѓани, сега не се одлучи на една алиби оставка. Такво нешто се очекува. Тоа би личело на него да се прави јунак и кога кукавички бега да се соочи со проблемот и да се донесе најзначајното решение за иднината на државата и граѓаните.