Златко Јовановски: Во моја венчаница секоја жена е уникатна


Златко Јовановски (23) е единствениот македонски дизајнер што ќе учествува на 7. Модна ноќ на невести што ќе се одржи на 4 февруари во хотелот „Мериот“ во Скопје, во организација на Моден викенд – Скопје. Ќе се претстави со нова колекција „JZJ the great“, инспирирана од огледалото.

– Сметам дека подобро е да сум искрен, наместо лажно скромен, па затоа морам да кажам дека кога се гледам, гледам совршенство. Оваа колекција е создадена пред сè со многу љубов и трпение. Како и што гласи колекцијата, таков ќе е и крајот на ревијата бидејќи во последната креација ќе се појави нашиот специјален гостин, поп-ѕвездата Фјола Морина од Приштина, Косово – вели Златко.

За колекцијата се користени високо квалитетни материјали донесени од Турција, Индија и Дубаи. Сите креации се со многу вез и рачно правени апликации, како и везени перли, мониста, стаклени камења и модни избори правени специјално за ревијата.

Оваа колекција не се состои само од венчаници туку има вметнато и свечени и коктел фустани, и е продолжеток на сите претходни колекции на дизајнерот, со тоа што сега екстравагантните детали се посмирени, а експлицитните должини – искомерцијализирани.

– Мене ми е посебно драго што по подолго време повторно ќе имам ревија во Скопје. Публиката и клиентите кои редовно ме следат, изминатиов период гледаа слики и видеа од ревии во Виена, Лондон, Харбин, Кина, и секогаш ме прашуваа „Златко кога и во Скопје?“ Успесите што изминатиов период ми се случија надвор од Македонија, уште повеќе ја зголемуваат тремата за ревијата тука бидејќи од мене секогаш се очекува многу. А тука, дома, треба да го дадам својот максимум.

Оваа ревија и ова шоу се токму за нив бидејќи сакам блиску до нив да допре едно вистинско нездодевно модно шоу, да бидат таму и да го осетат целокупното доживување, заедно со музиката и видеата кои ќе бидат презентирани, налик тоа што ми се случуваше во светот.

„Во наша креација, секоја дама се чувствува посебно и уникатно, современо на гламурозните настани, и токму во нашето ателје е вашиот фустан од соништата“, потенцира Јовановски.

Неодамна, манекенка од краткометражен моден филм за фотосесијата на поп-ѕвездата Тајга, поранешното момче на најмладата милијардерка Кајли Џенер, за насловната страница за магазинот „Бејзик“ во Лос Анџелес, позираше во фустан од „JZJ by Zlatko Jovanovski“, по изборот на стилистите.

Златко со своето модно студио во центарот на Скопје пет години е на мапата на славната и богата клиентела од Македонија и од регионот, со своите деликатни, сексапилни и драматични венчаници и вечерни тоалети.

И личниот стил на Зоран е ексцентричен, различен и несекојдневен. Со својата појава, модниот избор и изборот на чевли, предизвикува внимание каде и да се појави.

Лејла Сабит