Зидан: „Анти-мадридизмот“ добива се поголеми размери


Тренерот на Реал Мадрид, Зинедин Зидан, го прокоментира денеска зголемениот број на фудбалски навивачи, кои не само што не го сакаат клубот, туку и го мразат.

Овие „анти-мадридисти“, според францускиот стратег, стануваат побројни со секој изминат ден, но исто така и поддржувачите на „кралскиот клуб“, се зголемуваат со брзо темпо.

– „Анти-мадридизмот“ одамна постои и станува се полошо со секој изминат ден. Сепак Реал е клуб со најмногу навивачи и тие стануваат се повеќе и повеќе со секој изминат ден. Пред 10-15 години немаше такви работи, но денес е поинаку. Сè што знам е дека треба да бидеме почитувани, за она што го правиме, вели Зидан, цитиран од „АС“.

Французинот откри дека во моментот „белите“ нема да се обидат да привлечат голман, иако во јануари беа многу блиску до привлекување на Кепа Арисабалага од Атлетик Билбао. На крај, голманот потпиша со баскискиот тим до 2025 година.

– Ние немаме намера да привлечеме голман во моментов, имаме тројца на оваа позиција. Во иднина, ќе разговараме за тоа по крајот на сезоната, рече менторот на „белите“.

Зидан сподели неколку зборови и за нејасната иднина на Герет Бејл, како и за таа на Карим Бензема. Сепак, тој не откри дали клубот планира да се раздели со двајцата играчи во летниот трансфер период.

– Не мислам дека неговата иднина е во каква било опасност. Таков е фудбалот, имаме потреба од сите играчи. Тие не ми оставиле лош впечаток. Тренираат добро и се разбира дека сакаат да играат почесто. Но освен тоа, сè добро функционира, истакна Зидан.

Инаку, Реал го пречекува Атлетик Билбао утре во натпревар од 33-то коло на Ла Лига. Средбата почнува од 21 часот.