Зигмар Габриел нема да биде дел од новата германска влада


Техничкиот министер за надворешни работи на Германија Зигмар Габриел денеска објави дека нема да биде член на новата влада на конзервативната канцеларка Ангела Меркел која ќе биде на чело на коалицијата со Социјалдемократската партија на Германија (СПД).

Со коалицискиот договор е договорено новиот министер за надворешни работи да биде од СПД, а партијата најави дека одлуката ќе ја донесе утре претпладне.

Габриел, кој е поранешен претседател на СПД, на Фејсбук соопшти дека новите лидери на партијата Олаф Шолц и Андреа Налес го известиле дека нема да биде дел од новата Влада.

– Служењето на партијата беше голема чест поради која сум длабоко благодарен – наведе Габриел.