Земјоделците ќе плаќаат персонален данок за приходи од продажба на сопствени производи
Приходите од продажба на сопствени земјоделски производи ќе подлежат на оданочување, предвидуваат измените и дополнувањата на Законот за персонален данок на доход што ги предлага Владата.
Согласно измените, овие приходи ќе бидат утврдени како посебна категорија во Законот.
– Со цел да се олесни плаќањето на персоналниот данок на доход за оваа категорија лица, со измените се предлага лицата кои во текот на годината ќе остварат приходи од продажба на сопствени земјоделски производи на правни лица до 1.000.000 денари, да го плаќаат персоналниот данок на доход по одбивка, што подразбира дека исплатувачите (правните лица) при исплатата на приходите на физичките лица, ќе имаат обврска да го пресметаат и платат персоналниот данок на доход. Основата за пресметување на данокот ќе претставува разликата меѓу остварениот вкупен приход и признатите нормирани трошоци во висина од 80 отсто, што подразбира дека ќе се оданочуваат 20 проценти од остварениот приход, соопшти Министерството за финансии.
За лицата кои ќе остварат приходи од продажба на сопствени земјоделски производи повисоки од 1.000.000 денари, се предлага најдоцна до 15 јануари наредната година да се регистрираат за вршење на дејност согласно закон.
Досега лицата кои остваруваа приходи од земјоделска дејност до 1.300.000 денари, плаќаа персонален данок на доход според паушално утврден приход oд страна на УЈП и имаа обврска секоја година до УЈП приходи да поднесуваат барање за остварување на правото на ваквиот начин на оданочување. Лицата со остварен приход од земјоделска дејност (како основно занимање) до 300.000 денари беа ослободени од оданочување, а лицата со приход над 1.300.000 денари имаа обврска да се регистрираат за вршење дејност согласно закон.
Со предложените измени и дополнувања на Законот се предлага лицата кои ќе остварат приходи од продажба на сопствени земјоделски производи на физички лица надвор од продажни места на зелени пазари, да поднесат пресметка за аконтација на данокот до Управата за јавни приходи, до 10-ти во месецот за приходите остварени во претходниот месец. По одобрување на пресметката од страна на Управата, лицата ќе имаат обврска да го платат данокот на доход утврден во одобрената пресметка, најдоцна до 15-ти во месецот за претходниот месец.
Лицата, пак, кои ќе остваруваат приходи од продажба на сопствени земјоделски производи на продажни места на зелени пазари, ќе се оданочуваат според паушално утврден нето приход кој со решение ќе го утврдува Управата за јавни приходи. Според Министерството, и досега оваа категорија лица паушално се оданочуваше, додека со предложените законски измени и дополнувања тоа се уредува во посебен член.