Зеленилото во Ново Лисиче се поднови со јапонски цреши и украсно јаболко


Реонски центар Аеродром, поточно зеленилото долж булеварот „Видое Смилевски Бато“ во Ново Лисиче од денеска е разубавено со 45 листопадни дрвја, како дел од пролетната акција на Град Скопје за зазеленување на градот. Претходно посочениот реон од 2.410 квадрати беше комплетно реконструиран. Поставена е нова хидрантска мрежа во должина од 230 метри и нов систем за наводнување со хидранти.

„Денеска засадивме нови 45 листопадни дрвја, односно 30 садници од видот јасен и 15 садници од видовите јапонска цреша, украсно јаболко и сорбус. Ова е дел од големата акција за зазеленување на Скопје, во која само овој месец ќе бидат засадени околу 2.000 високо квалитетни листопадни садници“, информираше градоначалникот Петре Шилегов на денешната акција за засадување дрвја. Тој додаде дека во есенската акција за зазеленување на градот, се планира да се засадат вкупно 8.000 висококвалитетни садници.